Министерот Фатмир Бесими и градначалничката Теута Арифи на примопредавањето на првите градски автобуси во Тетово. Фото: Министерство за финансии

Пет автобуси за јавен превоз пристигнаа во Тетово пред три дена, а Јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ го изготви ценовникот, за билетите што се поделени во пет категории, а истиот ќе биде официјализиран штом ќе се изгласа од општинскиот совет. Првин, низ градот ќе функционираат три линии на јавниот превоз, пишува Порталб.мк.

По 8 години ветување од страна на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, пред три дена во Тетово беа донесени пет автобуси што ќе се користат за јавен превоз.

Сè уште не се знае кога ќе се овозможи граѓаните да ги видат и користат овие автобуси, меѓутоа, извори на Порталб.мк велат дека тоа ќе се случи после завршувањето на неколку формални постапки, како што сe регистрација на автобусите, усвојување на ценовникот од страна на мнозинството во општинскиот совет (на 28 јануари), систематизација на Јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ со нови вработени, осигурување на возачите и администрацијата.

Оттука, најверојатно, јавниот транспорт во Тетово треба да почне да функционира на почетокот на март. Првично, од Јавното претпријатие „Тетово транспорт“ е планирано да функционираат три линии што ќе го покриваат поголемиот дел од градот Тетово, и тоа:

– Првата линија – почнува од автобуската станица во улица Борис Кидрич во правец кон Универзитетот на Југоисточна Европа.
– Втората линија – поминува низ улиците Борис Кидрич, Иво Лола Рибар, Страшо Пинџур, покрај Т. Ц. Мерџан, Илинденска, покрај Универзитетот на ЈИЕ, Љуботен, улиците Киро Ристоски Дрнц, Ѓорче Петров, Браќа Миладиновци, булеварот Видое Смилевски Бато, 29 Ноември, Благоја Тоска, Маршал Тито, булеварот Видое Смилевски-Бато и завршува повторно кај автобуската станица во улицата Борис Кидрич.
– Третата линија – по улиците Борис Кидрич, булеварот Видое Смилевски Бато, Маршал Тито, Благоја Тоска, 29 Ноември, булеварот Видое Смилевски Бато, Браќа Миладиновци, Ѓорче Петров, Киро Ристоски, Љуботен, Илинденска, УЈИЕ и се враќа преку Илинденска во Т.Ц. Мерџан, улицата Страшо Пинџур, Иво Лола Рибар, Благоја Тоска и завршува кај автобуската станица во улица Борис Кидрич.

Градоначалничката на Тетово има уште осум месеци мандат, а автобусите треба да се платат за период од 13 години. Министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека кредитот во износ од 1,2 милиони евра што го подигна Општина Тетово ќе почне да се плаќа после три години, со каматна стапка од три проценти. Според тоа, следниот градоначалник на Општина Тетово освен плаќањето на автобусите, ќе треба да се соочи и со долгот од 9,4 милиони евра.

„Станува збор за три рути што ќе ги покриваат сите делови на градот и ќе може да се користат од нашите граѓани. Ова е реализирано во соработка со Светската Банка за подобрување на комуналните услуги, за што потоа општините аплицираат и добиваат кредит за спроведување на тие проекти. Се работи за 13 годишна категорија со каматна стапка од три отсто. Во конкретниов случај, општината аплицирала и е договорен износ од 1,2 милиони евра, меѓутоа во текот на набавката, поради нетранспарентноста, општината тука штедела и реализирани се само 720 илјади евра а другиот дел од 1.2 милиони евра останува на располагање на Општина Тетово, за други проекти кои што ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните,“ рече Бесими.

Инаку, ветувањето за јавниот превоз во Тетово, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи го даде во програмата за нејзиниот прв мандат, Програма за локалните избори 2013 „Градиме заедно“, а истото го повтори и во дебатата организирана од страна на „БИРН Косово“ и „Порталб.мк“ во октомври 2017 година.