fbpx

Тетово го „претрка“ Охрид според висината на долговите, на листата и Карпош, Струга, Делчево

-

Со пријавени доспеани, а неплатени обврски во износ од скоро 7,9 милиони евра Општина Тетово на чие чело е градоначалничката Тута Арифи го држи приматот на „најзадолжена локална самоуправа во земјава“, пишува „Порталб.мк“. Оваа должничка состојба се однесува до крајот на јуни годинава и во однос на состојбата на крајот на март, долгот на Тетово се зголемил за 500.000 евра. Милионски долгови пријавило и Јавното комунално претпријатие ЈКП Тетово во износ од цели четири милиони евра.

Тетово се наоѓа на високото шесто место на листата од 1.061 субјекти под државна капа што пријавил доспеани, а неплатени обврски.

На второ место со доспеани а неплатени обврски во износ од 6,9 милиони евра е Општина Охрид со која раководи Константин Георгиевски. Општината пријавила уште и околу 60.000 евра како недоспеан долг за плаќање. Општина Охрид долго време го држеше првото место според висината на долговите кои на крајот од првиот квартал изнесуваа 7,4 милиони евра, со што се забележува тенденција на намалување на долговите. И Јавното претпријатие „Водовод Охрид“ прикажува загуба од 1,2 милиони евра.

Со доспеан, а неплатен долг од 5,1 милион евра зад Охрид е Општина Карпош на чие чело е Стефан Богоев. Сите три општини, Тетово, Охрид, Карпош се во првите 10 на листата најголеми должници на која се наоѓаат повеќе од илјада субјекти од државниот и јавниот сектор. И кај Општина Карпош се забележува тренд на пораст на договите во однос на првиот квартал за околу 100.000 евра. Општината пријавила уште 169.000 евра како недоспеани обврски.

Високо на должничката листа котира и Општина Струга со која раководи градоначалникот Рамиз Мерко. На крајот од вториот квартал од годинава Струга имала доспеани, а неплатени обврски во износ од 3,2 милиони евра додека на крајот од првиот квартал долгот бил 2,7 милиони евра, со што и кај оваа општина се забележува тренд на раст на долговите. И оваа општина, како и претходните општини, со години тоне во долгови, со нарушена ликвидност. Милионски долгови пријавило од Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Струга“ во износ од 1,1 милион евра.

Меѓу најзадолжение општини е и Делчево каде градоначалник е Горан Трајковски. Оваа општина прикажува доспеани а неплатени обврски во износ од скоро 3 милиони евра со тенденција на благо намалување на долгот во однос на првиот економски квартал. Само овие пет општини вкупно пријавиле долг од 26,1 милион евра.

На оваа должничка листа, меѓу другите, се наоѓаат и Гостивар со доспеани обврски во износ од 2,8 милиони евра, Кичево со 1,9 милиони евра, Сарај со 1,6 милиони евра, Брвеница со 1,4 милиони евра, општина Гевгелија со 1,3 милиони евра, Ресен има доспеани обврски во износ од 1,1 милион евра, Струмица 1,1 милион евра, општините Студеничани, Демир Капија и Дебар пријавиле доспеан долг од по еден милион евра. Останатите општини имаа долг помал од еден милион евра.

Во општините кои имаат проблеми со редовна отплата на долговите, финансиски проблеми главно имаат и јавните претпријатија основани од локалната власт. На оваа должничка листа се и Јавното комунално претпријатие Кичево со долг од скоро 960 000 евра, Јавно претпријатие – комунално Струга со доспеани а неплатени обврски во износ од 817.000 евра, Јавно комунално претпријатие – Комуналец Свети Николе со близу 800.000 евра долг, Јавно претпријатие за комунални работи ц.о. Берово со 707.000 евра. Останатите јавни претпријатија прикажуваат доспеани а неплатени обврски пониски од 600.000 евра.

Токму општините и јавните претпијатија се на врвот од листата најзадолжени субјекти под „државна капа“. Јавните претпријатија и трговски друштва основани од државата имаат доспеани а неплатени обврски во износ од 91,5 милиони евра, општините од 55,8 милиони евра, додека јавните здравствени установи од 51,4 милиони евра. Локалните претпријатија основани од општините должат 50,5 милиони евра.

Така, доспеаниот а неплатен долг на крајот од јуни на сите општини во земјава изнесува 55,8 милиони евра додека убедливото прво место го држат јавните претпријатија со долг од 91,5 милиони евра. Сите државни институции и субјекти од сите сектори на централно и на локално ниво на крајот од јуни пријавиле доспеани а неплатени обврски во вкупен износ од 281,4 милиони евра.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Посебен сообраќаен режим в недела заради атлетска трка на Средно Водно

Во недела, со почеток во 9 часот, поради атлетска трка на 10 километри, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот...