Театарскиот перформанс „Лилит“ утре во КСП Центар – ЈАДРО

Драмскиот текст е искористен на минималистички начин, каде ликот на Лилит се користи како основа за градење на архетипот на женска фигура отфрлена од општеството поради тоа што ги одбива и преиспитува традиционалните, конзервативни вредности

фото: КСП Центар - ЈАДРО

Утре со почеток во 20 часот во КСП Центар – ЈАДРО ќе се одржи театарскиот перформанс „Лилит“. Перформансот е првата фаза од театарското истражување насловено „Notebook of Silence“, соработка помеѓу Алесандро Ола, Јасмина Билаловиќ и Јелена Вуксановиќ.

Првата фаза од реализацијата на проектот е базирана на текстот на Ришард Ниечим и неговото повеќедецениско искуство на соработка со неговиот некогашен учител Гротовски, како во театарската работа, така и во паратеатарската во која Гротовски и неговите соработници тежнеат да пресечат со ексклузивноста на театарските истражувања и да ги отворат за нови групи учесници од различни професии и позадини.

„Звучење (Sounding) е наутички термин кој се користи за истражување на длабочините на сликите во јазикот и човечкото тело, во движење и одмор; поконкретно, sounding значи да се прозвучат длабочините на сликите во енергетските центри на човечкото тело и да се истражуваат архетипските длабочини на мистериозното несвесно“, велат од КСП Центар – ЈАДРО.

Од таму појаснуваат дека драмскиот текст е искористен на минималистички начин, каде ликот на Лилит се користи како основа за градење на архетипот на женска фигура отфрлена од општеството поради тоа што ги одбива и преиспитува традиционалните, конзервативни вредности. Таа е заробена во вечен простор, сè уште верна на својата бескрајно бунтовна природа, но на моменти обременета од судовите на светот.

„Ние набљудуваме и сме сведоци на различните фази кои водат до нејзиното прифаќање на себе си во тоталитет, без да се стишува или да се моделира според она што се очекува од неа. Таа на крај го прифаќа тоа што е, а со тоа се прифаќа себе си и конечно може да ја напушти старата, зададена улога, ослободена од товарот на срам и вина“, велат од центарот.