Нема клима за на 5 јуни да се одржат фер и демократски избори, изјави лидерот на ДПА, Мендух Тачи, по средбата со евроамбасадорот Аиво Орав и со амбасадорите на земјите членки на ЕУ.
Тој вели дека неговиот песимизам го темели на конфузијата на ДИК со избирачкиот список и на отсуството на волја кај политичките лидери да ја ублажат меѓусебната реторика. Тачи најави дека ДПА дополнително ќе проценува дали ќе учествува на изборите доколку тие се одржат на 5 јуни, а одлуката ќе зависи од целиот политички амбиент и особено од резултатите од прочистувањето на избирачкиот список.
Лидерот на ДПА се сомнева во работата на ДИК и во процесите што ги води оваа институција.
– Не ми е јасно што се случува таму. Тоа нема врска со правото и со сериозноста да се дојде до фер и коректни избори – изјави Тачи.
На прашањето дали е можно, во зависност од резултатите од прочистувањето на избирачкиот список, ДПА да не оди на избори, Тачи нагласи дека за Албанците во Македонија е проблем што некој со лопата ги полни гласачките кутии.
– Кај нас, Албанците, има проблем што тој со лопата ги полни кутиите, нема софистицирана манипулација. И ако јас денеска ви кажам дека за ДПА не е проблем избирачкиот список, ќе бидам нападнат дека некого штитам. Проблем се избирачкиот список, политичката клима, шиканирањето, употребата на администрацијата, праќањето пораки, давањето пари, клиентелизмот… Пред шест месеци бев поголем оптимист од денеска зашто не забележувам дека климата ни се подобрува. Не е мудро да се каже дека може да одиме на избори затоа што од меѓународната заедница има став дека ќе нема нова процена. Ќе нема нова процена, но ќе има оцена за изборите и тоа може да биде многу полошо. Ако продолжиме вака, нема друго решение освен одложување на изборите – смета Тачи.