fbpx

Светски ден на ментално здравје: „Има денови кога најголем напор ми е да ја измијам косата“

По повод 10 октомври, Светскиот ден на менталното здравје, Мета.мк разговараше со неколку жени кои се борат со анксиозноста, депресијата и биполарното растројство. Дел од нив зборуваа анонимно, додека дел рекоа дека одамна расчистиле со темата дека треба да ја кријат својата состојба. Во Градскиот парк денеска дел од овие луѓе ќе покажат дека се видливи

-

Да се има анксиозност и депресија е како да се биде исплашен и изморен во исто време. Да ти е страв од неуспех, но да го немаш нагонот да бидеш продуктивен. Да сакаш пријатели, ама да не сакаш да се социјализираш. Да сакаш да си сам, а да не сакаш да си осамен. Да се грижиш за сè, а потоа да не се грижиш за ништо. Да чувствуваш сè наеднаш, а потоа да се чувствуваш парализирано умртвен.

Ова е само една од дефинициите за тоа што претставува депресијата и анксиозноста, болести кои не се само од „новото“ време, постоеле многу одамна, исто толку колку што постоело и „табуто“ за нив – дека е срамно да се зборува за тоа, дека „сè е само во главата“, дека нема зошто да си тажен ако немаш реална (читај: материјална, опиплива, видлива) причина.

По повод 10 октомври, Светскиот ден на менталното здравје, Мета.мк разговараше со неколку жени кои се борат и живеат со анксиозноста, депресијата и биполарното растројство. Дел од нив зборуваа анонимно, додека дел ни изјавија дека одамна расчистиле со темата дека треба да ја кријат својата состојба, која ја имаат не по своја вина.

Според евиденцијата на Клиниката за психијатрија, едно од осум лица на глобално ниво се соочува со потешкотии со психичкото здравје. Тинејџерите и адолесцентите се особено ранлива категорија, а според податоците од најновите истражувања во земјава, кај 29,2% од младите се регистрирани клинички симптоми на депресија, додека кај 23,7% се присутни клинички симптоми на анксиозност во периодот после пандемијата со ковид-19. Една третина од мајките страдаат од симптоми на депресија, додека кај 28% од нив се регистрира анксиозност во периодот после пандемијата со ковид-19.

Депресијата, според Светската здравствена организација погодува околу 280 милиони луѓе ширум светот и е наведена како „единствен најголем придонесувач за глобална попреченост“.

„Облаци од црни мисли“

Марија Прличкова Нешовска / Фото: Лична архива

„Луѓето не гледаат кога некој има душевна болка, бидејќи не е видлива, а таа некогаш повеќе боли од било која скршеница“, вели за Мета.мк Марија Прличкова Нешовска, една од ретките млади луѓе во земјава која јавно проговори како е да се живее со анксизноста и паничните напади и како тие влијаат врз нејзиното секојдневие. Преку нејзината веб-страна Жена на жена, таа редовно споделува совети за начините на кои таа се справува со оваа состојба и со нејзината секојдневна борба.

„Кај мене се појавуваат ‘облаци од црни мисли’ кои ме потиснуваат и влегувам во страшен филм дека се случило или допрвo ќе се случи нешто лошо. Доста често, кога се чувствувам анксиозна имам стегнати гласни жици, дланките ми се испотени, телото и одот ми се вкочанети, а мускулите напнати. Во желудникот имам некое непријатно чувство, слично на „пеперутки во стомакот“, иако овие се оние лошите кои никому не би му ги посакала. Со паничните е лошо што секогаш доаѓаат непредвидливо, понекогаш траат и неколку минути, но доволно е да ве спобудалат“, раскажува Марија, додавајќи дека со помош на одредени техники за себе-помош, одамна не се справила со паничен напад.

Во секојдневието, како што вели таа, повеќето ја гледаат „анксиозната Марија“ која се плаши како ќе биде прифатена, дали е коректна, како другите ја доживуваат и што мислат за неа.

„Всушност, за да ја победам неа, почнав да зборувам и јавно на оваа тема бидејќи ми беше смачено да се кријам зад анксиозноста. Кога и да отидам на некое ново место (работа или факултет), јас се соочувам со тие стравови. Иако полека, дали е со годините или со искуството, сè помалку се плашам, бидејќи знам дека не може секому да му се допаднам и дека тоа е сосема во ред“, раскажува Марија.

Таа вели дека во јавноста оваа тема сè уште е табу и дека некои ја прифаќаат состојбата, додека некои ја негираат, па често се соочува од коментари: „ајде, ништо не ти е“. За жал, според неа, многу работодавци, па и надредени, немаат разбирање за оваа состојба и не сфаќаат дека некои работници потешко реагираат на стресни ситуации.

„Немаме слободни денови за ментално здравје, како што е пракса во многу фирми во странство. Но, како што поминуваат годините, сфатив дека не е важно што мисли околината за оваа состојба, туку најблиските. Ако ја имате нивната поддршка, тогаш половина проблем е решен. Најблискиот може и најмногу да ти помогне и најмногу да ти одмогне, иако многу луѓе успеваат и сами без никаква помош да се изборат. За среќа, сопругот и моите најблиски ме поддржуваат и ми помагаат колку што можат. Тоа ми е доволно“, вели Марија за Мета.мк и го кажува нејзиниот рецепт за она што најмногу ѝ помага, односно трите нејзини терапии – музика (слушање и танцување), чистење и пишување.

„Не дозволив биполарното растројство да ме спречи да бидам мајка“

Во време на стресно живеење, посетата на психолог, психотерапевт, психијатар е нешто што задолжително се препорачува за полесно соочување со предизвиците на секојдневиот живот, кај целата популација. Тоа е нешто што го препорачаа и сите наши соговорнички, особено кога проблемот со менталното здравје постои, а жената стои пред сериозен предизвик, како на пример желбата да се реализира како мајка. Таков е случајот со нашата соговорничка, за која, по нејзино барање, нема да го објавиме идентитетот.

Photo by Maisa Borges: https://www.pexels.com/photo/person-in-black-long-sleeve-shirt-3232888/

Со дијагноза биполарно растројство таа се соочила пред неколку години. Тоа и ја спречило во нејзината желба во тој период да стане мајка. Сега, младата скопјанка има детенце за кое вели дека ѝ е благослов.

„Болеста е лоша. Има денови кога едвај можам и косата да ја измијам. Едноставно, претешки ти се сите работи кои за останатите луѓе се рутински, кои не ни забележуваат дека ги прават. Зависно од тоа во која фаза си во моментот, таква е и терапијата што ја примаш. Кога имам депресија, примам еден вид терапија, а кога имам манија (н.з. хиперактивност, изразена возбуда), терапијата е подруга. Мојата желба и покрај оваа дијагноза да станам мајка беше преголема. И тука дојде мојата најголема помош, од страна на дневната болница на Клиниката за психијатрија. Таму и ги запознав моите две најдобри пријателки, кои се пациентки со истата дијагноза и тие најдобро ме разбираат“, раскажува нашата соговорничка.

Биполарното растројство на расположението е вид на депресивно растројство, во минатото познато како манично депресивна болест. Лицата кои страдаат од биполарно растројство на расположението искусуваат преголеми промени во расположението – од депресија и тага до преголема хиперактивност и возбуденост. Промените во расположението може да варираат меѓу мали и сериозни промени, кога честа е појавата и на самоубиствени мисли.

„Мене болеста ми е наследна. Ја има татко ми, но тој никогаш не призна, одби да се соочи со истата и реши да не оди на доктор, да не побара помош и да не прима терапија. За разлика од него, јас ја прифатив болеста и живеам со неа. Свеста во јавноста можеби не е доволно развиена, луѓето се срамат, избегнуваат лекарска помош, но важно ми е да нагласам дека не е срамота да се отиде на лекар! Напротив, сите вработени во дневната болница на чело со професорката Арсова се крајно посветени на пациентите и јас сум им бескрајно благодарна“, раскажува нашата соговорничка, која е бивша национална репрезентативка, но поради болеста морала да се откаже од кариерата.

Сепак, таа вели дека најблиските од нејзината околина точно знаат со што се соочува, пред сè нејзиниот сопруг кој ја поддржува во целост.

„Оној што не се соочил со оваа дијагноза, можеби му е потешко да ја разбере. Јас кога ќе ги почувствувам промените во расположението, веднаш знам дека треба да се обратам кај мојата докторка. Депресијата е на второ место на светско ниво кај популацијата и од тоа не треба да се срамиме, затоа постојат докторите и постои терапијата. Мојот апел до сите жени кои се соочуваат со истото е доколку сакаат, никогаш да не се откажат од идејата да бидат мајки, ете јас сум пример, во текот на целата бременост ја примав терапијата, ја поминав бременоста и го добив она што најмногу го посакував“, вели нашата соговорничка, која не дозволила болеста да го дефинира нејзиниот живот и нејзината личност.

Со сличен став е и професорката Марија Баришин Лус, која страда од биполарно растројство, а уште додека била во пубертет осетила блага депресија. Таа досега живеела во Амстердам, Холандија, во Канада и во Нов Зеланд, а минатата година решава да се врати во родната Македонија.

„Првата голема депресија, на 20 години, ја имав кога бев на втора година факултет, додека студирав во Амстердам. Животот не ми се смени многу, сето тоа повеќе беше процес на навикнување како да се гледам себеси. Она што мене ме погоди е тоа што изгубив блиски затоа што не им се допаѓало моето многу друштвено однесување за време на „плус“ фазите. Околината сега ме знае добро и одлично ме прифаќа. Сепак, биполарното растројство не е доволно сфатено и во психијатриската гранка“, вели Баришин Лус за Мета.мк.

Таа и претходно, беше една од ретките која отворено зборуваше за својата состојба кога менталното здравје ѝ било нарушено.

„Потфрлувам како мајка кога сум депресивна затоа што има денови кога не сум способна едно јајце да испржам, а не да бидам примерот кој мојот син ќе го следи. На пример, со месеци се случува да не сакам да одам во супермаркет затоа што ме фаќа паника од големиот избор и се блокирам. Знам да кажам нешто без никаков филтер и да повредам некого, а воопшто тоа да не ми е намерата“, изјави таа минатата година во интервју за Црно Бело, детално опишувајќи ја нејзината борба со секојдневните обврски.

Менталното здравје е основно универзално човеково право

Фото: Lydia Lampiri, banner of World Health Organization

Десетти октомври е Светскиот ден на менталното здравје. Кај нас, овој ден ќе биде одбележан во Градскиот парк во Скопје од 11 часот. Овогодинешната тема е „Менталното здравје е основно универзално човеково право“. Тим од Клиниката за психијатрија заедно со пациентите од дневната болница, го одбрале токму Градскиот парк за да покажат дека се „видливи“.

„Секоја индивидуа, независно од разликите, заслужува да ужива ментално-здравствени услуги по највисоки стандарди. Овие права ги опфаќаат заштитеноста од ризици, достапноста на висококвалитетна здравствена нега како и слободата за лична независност во рамки на општеството. Дијагнозата на нарушено ментално здравје никогаш не би смеела да води до ускратување на човековите права или личната автономија. Сепак, за жал, сведоци сме дека ширум светот мноштво индивидуи со потешкотии на план на психичкото здравје се соочуваат со дискриминација, општествена отфрленост и кршење на некои од базичните човекови права и потреби. Многу од нив се лишени од нужна ментално-здравствена грижа, или пак се субјект на третмани кои ги загрозуваат нивните човекови права“, велат од Клиниката за психијатрија.

И според Светската здравствена организација, луѓето со ментални здравствени состојби продолжуваат да доживуваат широк спектар на прекршувања на човековите права.

„Да се има состојба на ментално здравје никогаш не треба да биде причина да се лишат човековите права или да се исклучат од одлуките за сопственото здравје“, се вели во соопштението на СЗО.

Светскиот ден на менталното здравје е инициран во 1992 година од страна на Светската федерација за ментално здравје и оттогаш добива на интензитет, бидејќи сè повеќе луѓе стануваат свесни за тоа колку е суштинско доброто ментално здравје за целокупната благосостојба на една личност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ФЗО протестира – се бараат повисоки плати и разрешување на Управниот одбор

Вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денес протестираат со три барања, потврди претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски. Нивните...