Судската власт, како еден од трите независни столба на власта во едно демократско општество, покрај извршната (владата) и законодавната (собранието), треба да има финансиска самостојност за да може да работи ефикасно и целосно независно.

Износот на средствата кои македонското судство ги добива при распределбата на државниот буџет од страна на извршната власт е повеќе од двојно понизок од она што е законски определено.

Иако член 4 од Законот за судски буџет предвидува одвоените средства за судската власт од државниот буџет да изнесуваат најмалку 0,8 отсто од Бруто домашниот производ (БДП), во реалноста овој процент во последните 6 години се движи околу 0,3 отсто.

Податоците од Министерството за финансии покажуваат дека во 2015 година кога БДП изнесувал околу 9 милијарди евра за судската власт наместо законски предвидените 81,69 милиони евра (0,8%), биле одвоени само 30,14 милиони евра или 0,33 отсто.

Трендот на зголемување на БДП во годините што следат, не влијаел врз зголемување на износот што се одвојува за судството. Па така, во 2019 година БДП достигнува 11,16 милијарди евра, а одвојувањето за судството наместо околу 100 милиони евра изнесува само 33,14 милиони евра.

Слична е и проекцијата на буџетот за 2020 година, односно на предвиден БДП од 11,63 милијарди евра, за судството се предвидени 35,1 милиони евра наместо законски предвидените 104,7 милиони евра.

Функционалните анализи за работата на Врховниот суд и на Апелационите судови во Република Северна Македонија изработени како дел од проектот „Зголемена ефикасност и ефективност во испорака на правдата преку подобрување на перформансите на институциите во правосудството” имплементиран од страна на Центарот за правни истражувања и анализи – ЦПИА и Прајсвотерхаус куперс Македонија, а финансиран од UK aid преку Владата на Обединетото Кралство, го потврдуваат овој проблем.

„Ова всушност и понатаму останува еден од клучните проблеми за финансиската зависност на судската од извршната власт. Помеѓу судиите од Врховниот суд преовладува мислењето дека судството треба да има свој буџет и трезорски систем со префрлање на квартална транша од Буџетот на РСМ и дека надлежна институција за финансиско работење на судовите треба да биде само Судскиот буџетски совет“, се вели во функционалните анализи на ЦПИА.

Оттаму додаваат дека со тоа би се надминале тековните административни процедури на одобрување на вработувањата и набавките од страна на Министерство за финансии кои значително влијаат врз ефективноста на работењето на судот, а оваа функција би ја вршел Судскиот буџетски совет.