fbpx

Судири меѓу српското население и КФОР на Северот на Косово, над 50 повредени

КФОР и српското население се судрија денеска пред општината Звечан откако новите градоначалници во петокот влегоа во општинските згради во четири општини на Северот на Косово. Тие тоа го сторија истиот ден кога српскиот претседател Александар Вучиќ организираше контрапротест во Белград како реакција на големите протести на опозицијата наречени „Србија против насилството“

-

Повеќе од 50 лица побарале лекарска помош по денешните судири во општина Звечан на Северот на Косово меѓу српското население и КФОР. Како што објави порталот KoSSev, директорот на Клиничкиот болнички центар (КБЦ) во Косовска Митровица, д-р Златан Елек вели оти меѓу повредените е и поранешниот градоначалник на Звечан, Драгиша Миловиќ. Повреден е и маж со иницијали Ц.С.

„Тие се здобија со повреди од контузија во пределот на градниот кош, рацете, нозете. Ц.С. имал и повреда од гумени куршуми во пределот на левата препона“, вели Елек.

Завршена е и хируршката интервенција на уште еден тешко повреден пациент кој бил  во животна опасност.

„Лекарите се борат за неговиот живот на одделението за интензивна нега. Тој има две прострелни рани, едната во пределот на левата половина на карлицата, а другата во пределот на показалецот на левата рака“, прецизира директорот на КБЦ.

Претходно, известувачот на Европскиот парламент за Косово, Виола фон Крамон побара од косовските власти да ги повлечат специјалните сили од северот, објави KoSSev.

„Дали ова е формата на добро владеење што ја сакаме? Наместо тоа, треба да имаме мерки за градење доверба. Дијалогот во Косово е единствениот излез од оваа ситуација. Ги повикувам косовските власти да размислат за преземање мерки за градење доверба, а како пример за тоа – повлекување на специјалните полициски сили од северот. Да седнеме на преговарачка маса“, рече фон Крамон денеска на прес-конференција во Приштина.

Фон Крамон истакна дека косовската влада „презема многу ризици со маневри на Север“ и дека единствениот начин за решавање на оваа ситуација е дијалогот и преговарачката маса.

Глетката во Звечан таа ја оцени како „застрашувачка“, особено откако дознала дека во непосредна близина на специјалните единици има две училишта, градинка и студентски дом. Таа потоа зборуваше од Ибарскиот мост со порака дека влезот на новите градоначалници Албанци во општинските згради не е легитимна одлука, иако де јуре имаат право на тоа.

КФОР и српското население се судрија денеска пред општината Звечан откако новите градоначалници во петокот влегоа во општинските згради во четири општини на Северот на Косово. Тие тоа го сторија истиот ден кога српскиот претседател Александар Вучиќ организираше контрапротест во Белград како реакција на големите протести на опозицијата наречени „Србија против насилството“.

Локалното мнозинско српско население ги бојкотираше локалните избори во општините на Северот на Косово. Изборите се одржаа во април годинава, а излезноста беше околу 4 отсто. Вонредните избори беа организирани откако градоначалниците од Српската листа дадоа оставка од своите функции, како реакција на обидот косовските власти да ги принудат да ги пререгистрираат своите возила со косовски, наместо со српски регистрациски табли.

За вечерва е најавено јавно обраќање на српскиот претседател Вучиќ.

ИзворKoSSev

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...