Една средношколка, во просек месечно троши 420 денари за менструални производи, што е значителен дел од месечните расходи на едно семејство, покажала анализата што ја направила организацијата Балканска водна мрежа. Тие анкетирале 328 средношколки од пет средни училишта во Скопје и направиле анализа на трошоците за различните типови менструални производи.
„Месечниот трошок од 420 денари може да се смета за финансиско бреме, посебно за семејства со повеќе жени во репродуктивен период, како и со семејства со ниски приходи“, сметаат во организацијата.
Оваа анализа била спроведена во рамки на иницијативата „Борбата против менструалната сиромаштија – неостварено изборно ветување, спроведувана од Балканска Водна Мрежа, во рамките на проектот „Поддршка на изборни реформи” на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС)“. Целта на иницијативата е да ја мониторира отчетноста и реализацијата на изборното ветување на ДОМ за искоренување на менструалната сиромаштија.
„Град Скопје за потребите на сите средношколки треба да издвојува 1.091.808 евра
годишно, односно за менструални производи за 13.314 ученички тоа се 5.591.880
денари или 90.984 евра месечно. Влошките за повеќекратна употреба беа идентификувани како најсоодветна опција со намалени трошоци во долгорочен поглед. Проценката е дека користењето на влошките за повеќекратна употреба би ги намалило месечните трошоци за менструални производи за повеќе од 94 отсто во споредба со употребата на стандардни производи“, наведено е во соопштението од организацијата.
Оттаму заклучиле дека пристапот до достапни и економски прифатливи менструални производи е критичен за обезбедување на менструална правда и спречување на менструалната сиромаштија.
„Балканска Водна Мрежа ги дава следниве препораки: Градот Скопје и релевантните институции треба да разгледаат и прифатат мерки за обезбедување на бесплатни или субвенционирани менструални производи за жените и девојките со ниски приходи. Потоа, образовните институции треба да обезбедат образование и свесност за менструалното здравје и алтернативните опции за менструални производи, со фокус на младите девојки“, наведено е во препораките.
Исто така, потребно е според нив, да се инвестира во истражување и развој на економски прифатливи и еколошки одржливи алтернативни производи за менструација.
„Невладините организации и заедницата треба да продолжат со подигање на свесноста
и за менструалната правда, со фокус на социјално-економски ранливи групи. Потребата од информирање и едукација ја покажаа и дебатите со ученички кои не знаат за иницијативата, темите како менструална сиромаштија и менструална хигиена им се непознати, па и табу, алтернативните решенија се познати само за многу мал дел, а не се запознаени ниту со можностите за мониторирање на отчетноста на институциите.
Целосната трошковна анализа е достапна на овој линк.