Студентскиот информативен центар во Битола отворен за учење и настани за студентите [фото]

фото: Студентски инормативен центар (СИЦ) - УКЛО

Студентите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола од пред неколку месеци на располагање имаат нов простор каде ќе можат да учат, да организираат настани, да дејствуваат и творат. На 10 ноември минатата година, во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на науката на УКЛО, беше отворен Студентскиот информативен центар (СИЦ), прв од ваков вид во југозападниот регион.

Центарот е замислен како еден вид жариште каде што студентските идеи ќе се испреплетат и сплотат и ќе го подобрат студентското живеење надвор од факултетските аули и предавални, изјави поранешната претседателка на Универзитетското студентско собрание при УКЛО (УСС УКЛО), Симона Наумовска при отворањето на вратите на СИЦ.

Четири месеци подоцна, во центарот се имаат реализирано голем број на студентски активности и средби кои навистина делуваат и го подобруваат студентскиот живот на битолскиот универзитет, вели за Мета.мк Душан Стевановски, студент на Економскиот факултет-Прилеп и актуелен претседател на Универзитетското студентско собрание на УКЛО.

фото: Мета.мк

Центарот поврзал многу студенти со различни и слични интереси и досега понудил широк спектар на активности – работилници, обуки, тренинзи, конференции и разни настани од забавен карактер.

„Студентскиот информативен центар, откако беше отворен на 10 ноември минатата година, досега активно се користи, односно во него се имаат организирано над 26 работилници, дискусии, обуки, гостувачки предавања, состаноци и слични настани за личен професионален развој, од забавен и хуманитарен карактер. Секоја идеја што ја имаат студентите, сè што тие сакаат да направат, можат да го реализираат овде“, вели Стевановски.

Студентскиот информативен центар располага со две простории – универзитетска библиотека, односно студентска читалница и таканаречената „Студентска станица“.

Библиотеката е пополнета со над илјада наслови богата стручна и светска литература кои се достапни за сите студенти на Универзитетот. Студентите можат да ја користат библиотеката за надоградување на своите знаења, а книгите на определено време можат да ги земат и кај себе.

Студентската станица, пак, им е достапна на студентите за организирање на разни настани.

Отворањето на Студентскиот информативен центар бил заедничка идеја на студентите и раководството на УКЛО, а истиот е изграден со средства од програмата за развој на универзитетот и со донација од битолскиот бизнис сектор.

„Идејата беше заедничка на студентите и од управата на Универзитетот. Сега студентите знаат дека имаат простор за професионално и лично надоградување – Студентскиот информативен центар е простор за подобар студентски живот. Како иницијатива, со средства на УКЛО, центарот беше изграден без никакви проблеми и до денес функционира успешно“, оценува Стевановски.

фото: Мета.мк

Студентскиот информативен центар е отворен, достапен и слободен за користење за сите студенти на Универзитетот „Св. Климент Охридски“. Центарот се наоѓа на улицата „Тодор Скаловски“ во Битола, во просториите на Универзитетот во комплексот Касарна, веднаш до објектот на Правниот факултет.