Студентите од самохрани и еднородителски семејства на УКЛО од годинава ќе студираат со половина партиципација

Одлуката следува по реакциите на здружението Млади од семејна разновидност и студентскиот правобранител на УКЛО кои доставија барање до универзитетот за објава на интерен оглас

Фото: Sincerely Media on Unsplash

Новите студенти на битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) чие родителско право го врши само еден родител, од претстојната академска година ќе плаќаат половина од износот на партиципацијата за прв циклус студии.

Ваква одлука донесе ректорската управа на УКЛО во септември минатата година, кога беше најавено дека правилото ќе важи од учебната 2023/2024 година.

Одлуката, инаку, следува по реакциите на здружението „Млади од семејна разновидност“ и студентскиот правобранител на УКЛО кои доставија барање до универзитетот за објава на интерен оглас со кој ќе се избираат студенти од еднородителски семејства што ќе се стекнат со погодноста за плаќање половина од износот на уписнината за додипломски студии.

Според неодамна објавениот конкурс за упис на нови студенти на УКЛО, студентите чие родителско право го врши само еден родител сега можат да поднесат Барање за да бидат ослободени од плаќање половина од износот на уписнината за прв циклус студии.

Барањето се поднесува до Деканатската управа или Управата на високата школа на единицата на која студентите се запишале и која потоа донесува одлука за ослободување.

Притоа, минималните услови што треба да ги исполнуваат студентите за да бидат ослободени од плаќање на половина од износот на уписнината, е да потекнуваат од еднородителско семејство, што се докажува со соодветен документ за составот на семејството, додека нето приходите во семејството треба да бидат помали од две нето минимални плати, што се докажува со соодветен документ од Управата за јавни приходи (УЈП- за секој член на семејството.

Студентите што ќе го користат ова право треба да бидат примени како редовни во државна квота, редовни со кофинансирање или вонредни по основ на здравствени причини.

На вонредните студенти по основ на заснован работен однос, ова право не им следува.

Инаку, студентите од оваа категорија имаат право да плаќаат половина партиципација и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“.

Новинската агенција Мета.мк има серија написи за барањата на студентите од еднородителски и самохрани семејства во академската заедница.

Студентите од еднородителски семејства ќе плаќаат половина партиципација на сите факултети на УКИМ

УГД распиша оглас за студенти од еднородителски семејства за плаќање половина од партиципацијата