УГД распиша оглас за студенти од еднородителски семејства за плаќање половина од партиципацијата

Фото: Универзитет „Гоце Делчев“ (УГД) - Штип (03.10.2022)

Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип објави Интерен оглас за студенти од ранливи категории и студенти чие родителско право го врши само еден родител за стекнување со погодноста за плаќање половина од износот на партиципацијата за прв циклус студии за академската 2022/2023 година.

Право на учество на огласот има секој студент кој запишал зимски семестар на прв циклус на студии во тековната академска година и кој припаѓа во некоја следниве категории: само еден родител запишан во изводот од матичната книга на родените, починат родител, еден родител кој го загубил родителското право, едниот родител е непознат или двајца студенти со родители со минимална месечна плата.

Студентите од наведените категории треба да ги поднесат апликациите до Архивата на УГД, на адресата ул. Крсте Мисирков број 10А – Штип, со назнака „За Комисија за финансии, инвестивии и развој – документи по интерен оглас за избор на студенти од ранливи категории и студенти чие родителско право го врши само еден родител, кои се стекнуваат со погодноста за плаќање половина од износот на партиципацијата за прв циклус студии“.

Крајниот рок за поднесување на апликациите е 9 декември, а селекцијата на апликантите ќе ја прави Комисијата за финансии, инвестиции и развој при овој универзитет и еден претставник на студентите.

Сите услови и потребната документација детално се објаснети во огласот објавен од страна на УГД.

Од организацијата „Младите на една може“ која се залага за унапредување на правата на студентите од еднородителски самохрани семејства велат дека УГД за првпат во историјата распишува ваков интерен оглас. Организацијата повеќе пати досега реагираше на ускратувањето на правото на овие студенти да плаќаат пониска партиципација како и другите ранливи категории.

„Младите на Една може со својот труд и упорност и тоа како прават промени во нашата земја. Ние сме пресреќни, воедно и доста горди“, велат од оваа организација во коментарот за Интерниот оглас на УГД.

Пред почетокот на академската година и УКЛО најави дека ќе им овозможи пониска партиципација на студентите од еднородителски семејства, но од следната академска година.

УКИМ досега беше единствениот универзитет што го врати правото на студентите од оваа категорија за плаќање пониска партиципација на државните универзитети.

Мета.мк изминатава година во неколку наврати пишуваше за овој проблем поради кој не секој студент чие родителско право го врши еден родител ја ужива погодноста на плаќање половина партиципација на високообразовните установи. Проблемот потекнува од Законот за високо образование од 2018 година, каде овие студенти се изоставени меѓу категориите на кои се однесуваат поволностите на половина уписнина. Поради изоставувањето во законот, одлуките за партиципацијата на овие студенти ги носат самите универзитети.

Студентите од самохрани и еднородителски семејства изоставени како категорија при упис на дел од факултетите