Студентите на битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) чие родителско право го врши само еден родител од следната академска 2023/2024 година ќе плаќаат половина од износот на партиципација за прв циклус студии.
Одлуката на Ректорскиот колегиум на битолскиот универзитет следува откако здружението Младите на „Една Може“ и студентскиот правобранител на УКЛО доставија барање до универзитетот за објава на интерен оглас со кој ќе се избираат студенти од еднородителски семејства што ќе се стекнат со погодноста за плаќање половина од износот на уписнината за додипломски студии.
Одлуката ова правило да важи од наредната, а не од претстојната академска година, од УКЛО ја правдаат со тоа што Конкурсот за академската 2022/2023 бил донесен уште во април, по што бил одобрен од Владата и веќе се реализира.
Досега Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) беше единствениот државен универзитет кој го врати правото на студентите од еднородителски семејства да плаќаат половина партиципација на факултетите, исто така, по реакција на Младите на „Една Може“.
Од ова здружение од минатата година апелираат и останатите државни универзитети да го следат примерот на УКИМ. Правата на студентите од оваа категорија се регулирани во „Правилникот за начинот на проверка на основните критериуми и запишување во квоти на студентите чие родителско право го врши само еден родител, како и посебните критериуми за остварување на ова право“ донесен во 2017 година, според кој оние студенти што ги исполнуваат условите имаат право на плаќање половина од сумата за школарина при упис на факултетите.
Минатата година кога „Мета.мк“ се обрати до битолскиот УКЛО со прашање зошто не го воведува ова право на своите единици, од таму одговорија дека не можат да најдат законска основа за намалување на уписнината на овие студенти.
Младите на „Една Може“ барање за намалување на уписнината за студентите од еднородителски семејства упатиле и до Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, од каде до овој момент не добиле одговор.
Проблемот поради кој не секој студент чие родителско право го врши еден родител ја ужива погодноста на плаќање половина партиципација на високообразовните установи потекнува од Законот за високо образование од 2018 година, каде овие студенти се изоставени меѓу категориите на кои се однесуваат поволностите на половина уписнина. Поради изоставувањето во законот, одлуките за партиципацијата на овие студенти ги носат самите универзитети.