Студентите не го добија најавениот субвенциониран оброк до 15 декември

Фото: Првиот академски час на студентите на ФИНКИ во октомври 2022 година во зградата на Филхармонија | Фото: Мета.мк

Иако во повеќе наврати Министерството за образование и наука (МОН) и првиот човек на институцијата Јетон Шаќири најавија дека првите средства за субвенциониран оброк студентите ќе ги добијат до 15 декември, тоа денеска не се случи. МОН ги проверува податоците, а студентите уште чекаат одговори на електронските апликации во системот „е-услуги“ за тоа дали оваа финансиска мерка им е одобрена, процес што треба да се случи пред да започне исплатата на средствата.

По завршувањето на средбата во Собранието на 14 ноември меѓу претставниците на студентските собранија и организации и државните институции, двете страни изјавија дека е постигнат договор околу спорните критериуми што ги предвидуваше претходниот предлог закон. Спорните критериуми, според договореното, беа отстранети и беше соопштено дека до месец март студентите средствата за оброк ќе ги добиваат како и минатата година и ќе се исплаќаат ретроактивно на месечно ниво на трансакциските сметки. Притоа, министерот за образование Шаќири во изјава за медиумите рече дека до 15 декември, студентите ќе ги добијат средствата што им следуваат за месеците октомври и ноември.

Измените на Законот за субвенциониран оброк со кои се овозможи важење на мерката и за оваа академска година, собраниските пратеници ги изгласаа на 18 ноември. Повикот за пријавување до студентите беше објавен на 25 ноември и важеше до 3 декември.

Иако беше најавено, студентите до средината на декември не добија исплата на првите средства за субвенциониран студентски оброк.

Мета.мк се обрати до МОН со прашања за тоа зошто исплатата на студентскиот оброк доцни, а оттаму без да дадат конкретен одговор, велат дека ги споредуваат податоците на апликантите со оние од другите институции и од факултетите. На првиот повик за субвенциониран оброк пристигнале повеќе од 31.000 апликации.

„Пристигнати се над 31 илјада апликации. Јавниот повик за субвенциониран оброк заврши на 3 декември. Согласно Законот за субвенциониран оброк се проверува дали студентите/апликантите ги исполнуваат условите и за таа цел, МОН ги компарира податоците од апликациите со податоците кои ги добива од УЈП, АВРМ, ФПИОМ, МВР и сите универзитети. Секој студент/апликант ќе добие решение преку системот преку кој се аплицираше, по што ќе започне исплатата на средствата, ретроактивно почнувајќи од 15 септември“, гласи одговорот од МОН.

МОН не одговори на прашањето кога ќе се случи исплатата на првите средства за оброк, а неколку студенти што се обратиле до оваа институција за Мета.мк велат дека биле информирани оти првата исплата ќе се случи до крајот на годината.

Според најавеното, при првата исплата студентите-бруцоши во прва година на студии треба да добијат средства за месеците октомври и ноември, додека студентите од втора и повисоките години ќе добијат исплата на средствата и за половина септември.

Претходно од МОН за Мета.мк информираа дека, исто како и минатата година, студентите ќе можат да аплицираат за оброк на повиците кои ќе бидат објавувани секој месец.

Средства на своите трансакциски сметки студентите ќе добиват до март следната година, по што треба да започне примена на системското решение со кое студентите преку посебни картички и мобилна апликација ќе може секој ден да купуваат оброци кај регистрирани даватели на услугата субвенциониран студентски оброк. Останува да се види какво решение ќе најдат институциите за субвенционираниот оброк да почне да функционира онака како што беше замислен при донесувањето на законот во 2020 година.