Студенти од ФЕИТ победија на светското финале во процесирање сигнали

Задачата на натпреварот годинава била развој на систем за диференцирање на шизофренијата и биполарната психоза користејќи функционална магнетна резонанца во состојба на мирување

фото: Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ)

Тимот „Neuro FEEIT“, составен од студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје освои прво место на светското финале за процесирање сигнали – IEEE SP Cup 2023.

Финалето на натпреварот се одржало на 5 мај во Родос, Грција, во рамки на најголемата светска конференција од областа на процесирање на сигнали.

Тимот студенти од земјава бил воден од магистрантката Даниела Јанева, а учествувале додипломците Стефан Крстески, Матеа Ташковска, Ана Крстевска, Ангела Мешкова, Душан Мерџановски, Марио Величковски и Марко Палоски.

Ментор на тимот бил вонредниот професор Бранислав Геразов.

Како што информираа од овој факултет, задачата на натпреварот годинава била развој на систем за диференцирање на шизофренијата и биполарната психоза користејќи функционална магнетна резонанца во состојба на мирување.

Натпреварот, инаку, е организиран од одделот за процесирање сигнали IEEE SPS и Центарот за истражување во невровизуелизација и наука за податоци (TReNDS) при Институтот за технологија на Џорџија, САД.

„Оваа победа претставува големо постигнување за нашите студенти и за нас како факултет и универзитет. Студентите го докажаа своето знаење и способности во конкуренција од преку 40 тимови од целиот свет. Со тоа, уште еднаш го потврдија квалитетот на образовниот процес кој се негува на ФЕИТ и УКИМ“, вели професорот Геразов од ФЕИТ.

Второто и трето место на натпреварот освоиле тимови од Универзитетот за инженерство и технологија на Бангладеш и Институтот за технологија на Израел.