Фото: Арбнора Мемети

Стапката на сиромашни лица во Македонија лани изнесувала 21,6 отсто и била намалена за 0,3 отсто во однос на 2018 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. И покрај континуираното намалување на стапката на сиромаштија, и во 2019 година високи 448.100 лица во земјава живееле под прагот на сиромаштијата. Притоа, 41,7 отсто од невработените лица во земјава спаѓале во групата сиромашни лица, како и 32,9 отсто од другите неактивни лица.

Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составена од двајца возрасни со две издржувани деца во 2019 година била 19,3 отсто. Според најфреквентниот статус на економска активност, стапката на сиромашни вработени лица била 8,5 отсто, додека стапката на сиромашни пензионери лани се намалила на 7,7 отсто.

Државниот завод за статистика, врз основа на податоците од Анкетата за приходите и условите за живеење што се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија, ги пресмета Лаекенските индикатори за сиромаштија за 2019 година. Основа за пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 отсто од медијалниот еквивалентен приход.

Прагот на сиромаштија за самечко домаќинство, како годишен еквивалентен приход изнесува 100.643 денари, додека прагот на сиромаштија кај четиричлено домаќинство со 2 возрасни и 2 деца помали од 14 години лани бил заокружен на 211.351 денари.