Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Српскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите Istinomer.rs, инспириран од случувањата вчеравечер, кога беше уапсена Ана Лалиќ, новинарка на порталот Nova.rs, бидејќи Клиничкиот центар на Војводина ги известило обвинителството и полицијата дека со својот текст ја вознемирила јавноста и наштетила на угледот на таа здравствена установа, анализираше колку лажни вести за корона вирусот ширеле функционерите во Србија.

Напоменувајќи дека уредбата, односно Заклучок на владата, според која беше уапсена Лалиќ (која утрово беше ослободена) денеска ќе биде повлечена, Istinomer.rs ги потсетува политичарите колку лажни вести за вирусот и за мерките за негово сузбивање ширеле тие.

Немојте да лажете, никој не рекол дека корона е најсмешниот вирус

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави оти е лага дека некој од надлежните рекол дека е во прашање „најсмешниот вирус“. Бидејќи е очигледно дека доктор Несторовиќ за корона вирусот зборуваше како за „најсмешниот“, но и дека постојат бројни снимки на таа изјава и дека ја пренесоа поголемиот број медиуми во Србија, оваа изјава на Вучиќ е лага, пишува сервисот за проверка на фактите и борба против дезинформациите.

Корона вирусот послаб од сезонскиот грип

Втората работа што ја анализира Istinomer.rs е изјавата на српскиот министер за здравство Златибор Лончар дека „Корона вирусот е послаб од сезонскиот грип“.

Сервисот потсетува дека многу луѓе во светот изградиле имунитет за сезонските видови грип, но на новиот корона вирус никој нема имунитет. Тоа значи дека повеќе луѓе се подложни на инфекцијата, а некои поради тоа ќе прележат и потешки облици на болеста, беше речено на една конференција на претставници на здравствените институции, па затоа изјавата на Лончар е невистинита, пишуваIstinomer.rs.

Бројот на респиратори е државна тајна во сите земји

По една седмица од првиот случај на корона вирус во Србија, Министерството за здравство распиша тендер за итна набавка на респиратори. Премиерката Ана Брнабиќ неоткривањето на бројот на респираторите го образложи со тоа дека станувало збор за државна тајна. Бидејќи не само во околните земји, туку и во САД и во Канада може да се дојде до податоци за бројот на респиратори, премиерката добива оценка „невистина“, пишува сервисот за борба против дезинформациите.

Свикувањето на парламентот е невозможно поради забраната на собири на повеќеод 50 лица 

Претседателката на Парламентот, Маја Гојковиќ, за изјавата за свикување на парламентот за време на вонредна состојба е невистинита, бидејќи Уставот е јасен и вели дека во време на вонредна состојба Народното собрание не може да биде распуштено. Исто така, ниту со Уставот ниту со кој било друг правен акт не е пропишано дека со уредба на владата (како што е таа за забрана за собирање) може да се суспендира работата на Народното собрание, што значи дека формално-правно не постои причина парламентот да не се состане, пишува Istinomer.rs

Струката советуваше да се забранат прошетките на домашни миленици

„Водејќи се според мислењето на струката, Владата на Република Србија реши да ја повлече одлуката за дозволени прошетки на домашни миленици во траење од 20 минути помеѓу 20 и 21 часот“, соопшти владата на Србија. Меѓутоа, членот на владиниот Кризен штаб за сузбивање на корона вирусот, епидемиологот Предраг Кон, набргу на прес-конференција го демантираше тоа тврдење. Тој рече дека „конкретно за пуштање на кучињата и за излегување на кучињата“ биле директно прашани и рекле дека може да излегуваат. Поради тоа, ова тврдење на владата е невистинито, нагласува сервисот за проверка на фактите и борба против дезинформациите.

Шпанија воведува целодневна забрана за движење на граѓаните

Изјавата на заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ дека „на 31 март во Шпанија е воведена забрана за движење 24 часа“, исто така ја оценуваме како невистина. Во Шпанија со прогласувањето на вонредната состојба на 14 март е воведен карантин од 24 часа, но тоа не е полициски час. На населението на Шпанија движењето навистина му е ограничено, но и понатаму се до 21 часот може да одат до продавница, до аптека или да ги прошетаат кучињата околу зградата, појаснува Istinomer.rs.