Светиот архиерејски собор на Српската православна црква (СПЦ) денеска донел одлука со која начелно го одобрува продолжувањето на дијалогот со Македонската православна црква (МПЦ).

„За наоѓање на канонски исправно и во духот на црковното предание прифатливо решение за статусот на т.н. македонска православна црква, начелно да се одобри продолжување на дијалогот меѓу претставниците на Српската православна црква и оваа црква во раскол“, стои во соопштението, објавено на официјалната интернет-страница на СПЦ.

Услов за продолжување на дијалогот меѓу двете цркви, како што стои во соопштението, е „пред конечното регулирање на ова прашање, да биде постигнато позитивно решение во новиот судски процес“ покренат против Јован Вранишковски и 18 негови приврзаници.

СПЦ донела и одлука за формирање нова комисија на светиот архиерејски собор, која ќе го води дијалогот со претставниците на МПЦ, а за нејзин претседател ќе биде именуван митрополитот црногорско–приморски Амфилохиј.

Според соопштението, со ова веќе не се на сила сите одлуки со кои бил одреден составот на сите претходни комисии на СПЦ за водење на дијалогот меѓу двете цркви.