„Спотифај“ ги зголеми цените и за корисниците во Северна Македонија

Од вчера, Премиум пакетот за македонските корисници чини 5,5 евра наместо досегашните 5 евра

фото: Reet Talreja на Unsplash

Музичката стриминг платформа „Спотифај“ ги зголеми цените за своите премиум планови во неколку земји, меѓу кои и во Северна Македонија. Со новите цени компанијата се надева дека ќе ја зголеми профитабилноста во неизвесните економски околности.

Како што беше соопштено вчера, Премиум пакетот за македонските корисници чини 5,5 евра наместо досегашните 5 евра. Дуалниот план сега чини 7,5 евра, а Семејниот – 9 евра.

Студентскиот план исто така поскапува за половина евро, па наместо 2,5 отсега ќе чини 3 евра.

Овие цени, сепак, се пониски од поскапувањата во другите земји. Основниот Премиум пакет во Бугарија сега чини 7 евра, во Германија 8, во Франција 11 евра, во САД 11 долари, а во Обединетото Кралство 11 фунти.

Новите цени за постојните корисници ќе стапат на сила од септември, односно августовската претплата за актуелните корисници ќе биде според старите суми.

„Спотифај“ изминатиов период отпушти стотици работници и воведе промени во својот оддел за поткасти.

Платформата неодамна соопшти дека во вториот квартал годинава броела 551 милион активни корисници, што ги надмина предвидувањата од 530 милиони.

Зголемувањето на цените на Спотифај доаѓа во време кога и аудио и видео стриминг услугите се под зголемен притисок од инвеститорите да ја зголемат профитабилноста, по неколку години кога целта беше да порасне бројот на корисници.