fbpx

Специјалниот обвинител во лимбо: Кој може и кој смее да биде?

-

Посебен закон за специјален јавен обвинител или избор на вршител на оваа функција, кој ќе ги истражува наводите за криминал што произлегуваат од аферата „Прислушување“, по актуелната законска регулатива, во моментов е главниот мегдан околу кој се кршат ставовите на четирите партии – потписнички на Договорот од Пржино.

Од договорот околу ова прашање зависи и личноста која ќе биде избрана за специјален јавен обвинител, поради што околу можните кандидати и шекулациите кои се јавуваат за нив, партиите воопшто не сакаат да коментираат.

Според Уставот и законите Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела.

Како што е предвидено со Договорот од Пржино, партиите имаат рок до 15 септември да изберат специјален јавен обвинител.

– Сè уште не разговараме за имиња, затоа што е несериозно тоа да се прави без да се донесе прво закон кој ќе ја регулира оваа сфера – изјави заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

Како што стојат во моментов работите, опозицијата, предводена од СДСМ бара нов, посебен закон со кој ќе се уреди мандатот и надлежностите на специјалниот јавен обвинител, како и тоа тој да има целосна автомономија во своето работење, надвор од ингеренциите на Јавното обвинителство и надвор од секакви партиски и политички влијанија.

– Законското решение мора да биде уставно, специјалниот јавен обвинител мора да биде со целосна автономност, мора да има околу него заменици обвинители коишто ќе работат, стручни служби, техничка подготовеност, соодветна финансиска надокнада, да не трпи притисок, обезбедување, она коешто му е важно, односно секој лаик што подразбира под целосна автономија, да биде таа овозможена. Апсолутно тој да одговара само пред граѓаните, преку Парламентот, преку Совет на обвинители или директно пред граѓаните за да нема хиерархиска и субординациска поставеност. Значи, да не одговара директно пред Зврлевски или пред било кој од Обвинителството, да биде целосна автономијата за да може секако да постапи по предметите коишто се поврзани со прислушувањето и што произлегуваат од самото прислушување – изјави неодамна лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Од друга страна владејачката ВМРО-ДПМНЕ стои цврсто на ставот дека специјалниот јавен обвинител треба да биде избран во рамките и врз основа на постојниот Закон за јавно обвинителство.

Јавниот обвинител на Република Македонија, по предлог на Владата, го именува Собранието за време од шест години со право на повторно именување. За предлогот на Владата за негово именување (или разрешување), мислење дава Советот на јавни обвинители.

Како што предвидува Законот, Јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот, а ова тело ги врши избор и на Вишиот јавен обвинител на вишо јавно обвинителство, основен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и основен јавен обвинител на основно јавно обвинителство за време од четири години, од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.

Според членот 44 од овој закон, за избор на јавен обвинител покрај основните услови, да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да е работоспособен и да има општа здравствена способност, да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од странство и да има положено правосуден испит во Република Македонија, потребни се и дополнителни услови, за секое од четирите обвинителства кои ја сочинуваат структурата на Јавното обвинителство:

  • За Јавен обвинител на Република Македонија кандидатот потребно е да има работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит, или редовен или вондреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика. За Јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија именуваниот мора да има работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит.
  • За Виш јавен обвинител на вишо јавно обвинителство може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку пет години стаж како јавен обвинител со потврдени резултати во работата. За јавен обвинител во вишо јавно обвинителство може да биде избрано лице кое да има работно искуство од најмалку пет години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит.
  • За Јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кандидатите мора да имаат работно искуство од нај малку четири години стаж како јавен обвинител со потврдени резултати во работата.
  • За Основен јавен обвинител на основно јавно обвинителство може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку три години стаж како јавен обвинител со потврдени резултати во работата. За јавен обвинител во ова обвинителство избраниот кандидат, меѓу другото, мора да има завршено обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...