fbpx

Спасовски: Петардите не се играчка, нивното користење е строго забрането

Алармантен е фактот дека најголем ризик за повреди од петарди се рацете, кои се од суштинско значење за нашите секојдневни активности. Дури и мала експлозија може да доведе до траен инвалидитет, рече д-р Пејкова

-

Петардите не се играчка, нивното користење е строго забрането, а празничното пукање со петарди може да биде исклучително опасно по животот и здравјето, оставајќи екстремно тешки последици кои можат да го запечатат животот на младиот човек. Пораката до сите гласи: Петардите се опасни, штетни и воопшто не се „кул“, рече денес министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на показната вежба во склоп на кампањата за превенција од употреба на пиротехнички средства „Петарди НЕ – безбедност пред сè“.

Показната вежба се одржа на Плоштад Македонија, во организација на СВР Скопје и Црвениот крст на Град Скопје, со поддршка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија.

Фокусот на кампањата, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР), е ставен на ризиците од употреба на петарди и пиротехника со цел да се влијае на подигање на свесноста на граѓаните за опасностите што произлегуваат од неовластеното користење на пиротехнички средства.

„Министерството за внатрешни работи, во рамките на своите надлежности, само минатата година има запленето 86.639 парчиња пиротехника, а оваа година заклучно со ноември имаше околу 21.000 парчиња, а само во последниве 10-тина дека се запленети околу 40 илјади најразлични пиротехнички средства и таа бројка уште ќе се зголемува. Овие активности на Министерството за внатрешни работи се континуирани, со засилена динамика пред и околу празниците, имајќи го предвид сезонскиот предзнак на пиротехниката, сѐ со цел да ја зголемиме свесноста кај младите, но и кај нивните родители, укажувајќи дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето на младите“, истакна министерот Спасовски.

Според него, минатата година поминала без ниту една регистрирана повреда од петарди и пиротехнички средства, а МВР и годинава продолжува да дејствува во таа насока.

Директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Софија Пејкова, рече дека фокусот на оваа кампања е колективно да се подигне свеста за опасностите од употребата на петарди, со цел да се спречат повредите и трајните компликации од нив.

„Алармантен е фактот дека најголем ризик за повреди од петарди се рацете, кои се од суштинско значење за нашите секојдневни активности. Дури и мала експлозија може да доведе до траен инвалидитет, што понатаму влијае и на физичките способности и на емоционалната благосостојба.“, рече д-р Пејкова.

Генералниот секретар на Црвениот крст, д-р Саит Саити истакна дека Црвениот крст во пресрет на новогодишните празници, кога се забележува поголема употреба на пиротехнички средства,  се приклучува кон кампањата на МВР, насочена кон целокупната популација со цел да се подигне јавната свест за опасностите кои се јавуваат од употреба на петарди.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците од утре на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од утре, 29 април, ќе бидат на пролетен распуст. Распустот ќе трае 8 дена, а во училишните клупи ќе се вратат...