Спасовски: Инцидентите во Косово го засегаат целиот регион

Во интервју за српска „Политика“ Спасовски вели дека e уверен оти стратешките партнери ЕУ и САД нема да дозволат црни сценарија и ќе извршат силен притисок за да се вратат работите во нормала

-

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на прашање за безбедносната состојба во Република Северна Македонија по настаните во Косово, за српскиот весник „Политика” истакна дека безбедносната состојба е под контрола, но дека инцидентите го засегаат целиот регион.

„Инцидентите на северот од Косово секако дека го засегаат соседството, односно целиот регион, но безбедносните служби будно ја следат ситуацијата, собираат информации и се прави редовна анализа. Засега безбедносната ситуација во државата е под контрола, нема директни рефлексии кои би претставувале опасност за безбедноста на Македонија и граѓаните можат да бидат спокојни”, изјави министерот Спасовски.

Tој e уверен дека стратешките партнери ЕУ и САД нема да дозволат црни сценарија и ќе извршат силен притисок за да се вратат работите во нормала.

„Ако нашата заедничка цел е да станеме регион кој ќе извезува мир и стабилност, тогаш не може политички кризи да се решаваат со конфликти, односно мора да се обединиме со заеднички политики кои можеме заеднички да ја спроведуваме. Ако сакаме напредок, економски развој и подобар стандард за нашите граѓани, во ништо од тоа нема да успееме без безбедноста”, истакна Спасовски.

Министерот Спасовски посочи и дека е повеќе од потребна позитивна разрешница во односите меѓу Србија и Косово.

„Затоа и сметам дека позитивниот исход во односите помеѓу Србија и Косово може да изврши пресудно влијание во целиот регион, а лично посакувам сите случувања во нашето соседство да се решат преку дијалог и на мирен начин, бидејќи што побрзото решавање на обврските и очекувањата, без разлика колку се тешки или комплексни, ќе значи поскоро навраќање на теми кои се од интерес на нашите граѓани и значат подобар живот за нив”, вели Спасовски за српска „Политика“.

На 75-годишна возраст почина професорката Наде Проева

Вчера, на 6 ноември 2024 година, на 75-годишна возраст почина професорката Наде Проева, која со години работеше на Институтот за Историја на Филозофскиот факултет и се сметаше за ескпертка...