fbpx

Спасовски: Заедничките патроли открија 858 мигранти со лажни документи

-

Македонските полицијци и нивните колеги од неколку земји на Европската унија и од регионот, распоредени на јужната граница, досега откриле 858 мигранти кои користеле лажни или фалсификувани документи за влез во земјава.

Ова, меѓу другото, го истакнал министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната средба со експерти од полициите на земјите од Вишеградската група (Словачка, Чешка, Полска и Унгарија), кои денеска и утре се во ревизиска посета на МВР во рамките на проектот за поддршка на земјава во справувањето со мигрантската криза.

Главна цел на посетата, како што соопштуваат од МВР, е утврдување на правната рамка за спроведување на проектот, увид во тековната состојба и процена на потребите.

„Република Македонија, поради својата географска положба, се наоѓа во сосема незавидна ситуација предизвикана од незапирливиот бран бегалци и мигранти, кои доаѓаат на нашата јужна граница. Во текот на минатата година, транзит низ Република Македонија остварија повеќе од 720.000 луѓе. Свесни за состојбата, која постојано се заканува да ескалира, побаравме помош од пријателите на Македонија. Министерството за внатрешни работи врз основа на билатералните договори за полициска соработка упати барање за помош до повеќе држави, меѓу кои Австрија, Чешка, Хрватска, Словачка, Полска, Србија, Унгарија, Словенија, барајќи поддршка и помош за организирање заеднички операции за засилен надзор на нашата јужна граница“, рекол Спасовски, додавајќи дека досегашната соработка резултирала со откривање на 858 мигранти кои користеле лажни документи.

Експертите од полициите на земјите на Вишеградската група имале средба и со државниот секретар при МВР, Анастасија Илиеска, а во текот на денот ќе го посетат Прифатниот центар за мигранти во Гевгелија.

Вчера директорите на полициите на Македонија, Австрија, Србија, Хрватска и на Словенија на состанок во Скопје се договорија за донесување документ за стандардизирана регистрација на мигрантите, со биометриски податоци и со точно утврдени критериуми што тие треба да ги исполнат за да можат да транзитираат низ земјите од т.н. западно-балканска рута до државите од Европската унија во кои имаат намера да бараат азил.

На состанокот беше речено дека на мигрантите што немаат пасоши, приложуваат лажни документи или, пак, даваат лажен идентитет нема да им биде дозволен влез и транзит низ западно-балканската рута.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени двајца руски новинари под обвинение дека работеле за фондацијата на Алексеј Навални

Двајца руски новинари се уапсени под обвинение за „екстремизам“, поради обвиненијата дека работеле за група основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, пренесе Гардијан. Новинарите Константин Габов и Сергеј...