Сојузот на средношколци и НАкС со поддршка за студентските барања

Фото: Sincerely Media on Unsplash

Сојузот на средношколци изрази јавна поддршка за студентските собранија и им ја честиташе, како што велат, вчерашната победа, апелирајќи да се размислува за изнаоѓање на системско решение на субвенционираниот студентски оброк налик на применуваниот модел во европските земји. Од таму велат дека освен финансиската, важна улога мора да играат и нутритивната и економската димензија.

„Понатаму, скорешните настани ја покажуваат важноста на вклучувањето на засегнатите страни во процесите на одлучување a priori, т.е. уште кога ќе се работи на првиот нацрт. Државните институции мора да размислуваат стратешки, а не да чекаат да се создаде револ којшто ќе ги коригира нивните грешки“, стои во соопштението на Сојузот на средношколци.

Сојузот ја поздрави и предлог-мерката со која се предвидува месечна финансиска поддршка од 3.000 денари за сите средношколци, а која ја образложи претседателот на Собраниската комисија за финансии и буџет, Бојан Стојаноски.

„Оваа приоритетна мерка е голем чекор во зголемување на средношколскиот стандард, а ќе им помогне на средношколците во ова време на криза. Сојузот на средношколци ги повикува сите пратеници во најкус можен рок да ја поддржат мерката, со што ќе нè поддржат нас“, велат средношколците.

Поддршка за студентите за зачувување и унапредување на студентскиот стандард пристигна и од Независниот академски синдикат (НАкС). Од синдикатот велат дека мерката субвенционирани оброк подразбира подобрување на достапноста до оброк за сите студенти.

„Нејзиното евентуално укинување го нарушува студентскиот стандард и значително ќе ги зголеми трошоците за студирање, особено на студентите кои доаѓаат од семејства кои остваруваат доход блиску до минималниот. Имајќи предвид дека инфлацијата во земјата ја изеде и онака ниската куповна моќ на граѓаните, кратењето на субвенционираниот студентски оброк не е и не може да биде мерка за зачувување на студентскиот стандард“, велат од НАкС.

Независниот академски синдикат апелира надлежните при дизајнирањето на мерките за штедење да имаат разбирање за потребите на студентите и да овозможат нормални услови за престој во студентските домови, но и да продолжат активностите за реновирање таму каде што се нужни.