Со промоција на книгата „Хроника на еден филмски сон“ ќе се одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство

Фото: Фејсбук страница на Кинотека на Северна Македонија

Под мотото „Вашиот прозорец кон светот“, на 27 октомври (среда) Кинотеката на Северна Македонија со промоција на книгата „Хроника на еден филмски сон“ на македонскиот режисер и писател Антонио Митриќески ќе го одбележи Светскиот ден за аудиовизуелно наследство.

Книгата е збир на монографија, биографија, мемоарска проза и критички осврти, вели Антонио. Истата е во издание на Кинотеката, а како автор се јавува Стојан Синадинов.

Настанот ќе започне во 12 часот во Кинотеката, при што ќе бидат отворени сите  работни простории и депоа за студенти, ученици, колеги од сродните институции и секторот за заштита на културно наследство, како и за љубопитните граѓани, најавуваат од Кинотека на Северна Македонија.

Одбележувањето на овој ден е со цел да се подигне свеста за важноста и значењето на аудиовизуелните материјали, како и за нивната ранливост и за мерките што треба да се преземат за негување и сочувување на истите. Оваа година во периодот околу 27 октомври различни аудиовизуелни архиви на деветте асоцијации што ја сочинуваат главната организација – Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA – Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations) ќе организираат настани што на различен начин ќе го одбележат овој значаен ден во светот.

Фото: CCAAA (Coordinative council of audiovisual archives associations)

Во соопштението за овогодинешното одбележување, претседателот  на ССААА, Тоби Сиј истакна:

„Аудиовизуелните материјали можат да ја кажат вашата приказна, вашата вистина и вашата присутност. Тие ни обезбедуваат „прозорец кон светот“ овозможувајќи ни да набљудуваме настани на кои не сме присуствувале, да слушаме гласови од минатото кои повеќе не можат да зборуваат и да креираме содржини наменети за информирање и забава. Играат голема улога во нашите животи додека ние се обидуваме да го разбереме светот и да се вклучиме во општеството.“

Светскиот ден на аудиовизуелното наследство прв пат бил усвоен во 1980 година од страна на УНЕСКО како матична организација. Подоцна го имаат прифатено и преземено меѓународните тела што обединуваат организации и асоцијации на филмски архиви, музеи и институции што се занимаваат со заштита и чување на аудиовизуелното наследство, предводени од Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архива. Кинотеката на Северна Македонија членува во Интернационалната федерација за филмска архива (FIAF) една од составните асоцијации на CCAAА.