Проекција на култниот филм „Кој тоа таму пее“ и разговор со режисерот Шијан вечерва во Кинотека

„Кој тоа таму пее“ е снимен во 1980 година и важи за најдобра комедија на сите времиња на југословенските простори

Принтскрин - извадок од филмот „Кој тоа таму пее“ / фото: Кинотека на Северна Македонија

Во летното кино „Мирно лето“ во Кинотека на Северна Македонија, вечерва со почеток во 20 часот ќе биде прикажан култниот филм „Кој тоа таму пее“ на режисерот Слободан Шијан.

Проекцијата на филмот е во рамките на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, а по проекцијата со режисерот Шијан ќе разговара писателот и уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев.

„Кој тоа таму пее“ е снимен во 1980 година и важи за најдобра комедија на сите времиња на југословенските простори. Филмот е дигитално реставриран.

Сценариото на филмот е на Душан Ковачевиќ, а во главните улоги се појавуваат плејада од врвни југословенски и српски актери како Павле Вуисиќ, Александар Берчек, Данило Бата Стојковиќ, Драган Николиќ, Славко Штимац, Неда Арнериќ, Ташко Начиќ, Боро Стјепановиќ и други.

Слободан Шијан е филмски режисер, сценарист, писател, публицист, сликар и мултимедијален уметник. Режисер е на некои од најпознатите филмови на просторите на поранешна Југославија, меѓу кои и на „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Како бев систематски уништуван од идиот“, „Давител против давител“, „Тајната на манастирската ракија“ и други.