Извор: Принтскрин од видео

Неколку илјади лица денеска го одржаа протестот на кој се побара ослободување за осудените лица за упадот во Собранието што се случи на 27 април 2017 година. Тие пееја патриотски песни, скандираа против власта и не ја одржуваа неопходната дистанца од два метри, а дел од присутните граѓани и не носеа заштитни маски против ковид-19.

Иако ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека директно не е вклучена во организацијата на денешниот протест пред собраниската и владината зграда во центарот на Скопје, сепак опозициската партија даде поддршка за протестот, додека нејзиниот претседател Христијан Мицкоски и членови на раководството на партијата се појавија на протестот. Поддршка на протестот дадоа и други помали политички партии од десницата во земјава. Како официјални организатори на протестот, фигурираат „македонски организации од Европа, Канада, САД и Австралија“.

Пред Собранието на РСМ, македонската химна ја испеаја Игор Дурловски, којшто судот го ослободи од обвиненијата за настаните во Собранието на 27 април 2017 година, и Андријана Јаневска. На настанот се обрати и актерката Арна Шијак, која покрај тоа што побара ослободување на осудените лица за упадот во Собранието и претепувањето пратеници, таа кажа дека неопходно е да се распушти постојниот состав на Собранието и да се организираат предвремени парламентарни избори, заедно со локалните избори претстојнава есен.

Инаку, денешниот протест во Скопје се организираше во услови кога целата земја се наоѓа во третиот бран на ковид-19 пандемијата, од која животот досега го загубија 4.650 граѓани. За да се спречи ширењето на корона вирусот, во целата земја на сила е секојдневна забрана за движење на населението во периодот меѓу 20 и 5 часот, а забрана за работа имаат угостителските објекти и се воведени редица на други рестриктивни мерки за спречување на ширењето на ковид-19 пандемијата.