Џо Бајден е првиот американски претседал кој официјално го призна геноцидот извршен врз Ерменците, по повеќе од еден век откако османлиските сили во 1915 и 1916 година убија околу 1,5 милиони Ерменци. За овој потег, претседателот Бајден го известил турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор. Претходно, во 2019 година и Конгресот на САД го призна извршениот геноцид од Ерменците во рамките на Отоманската Империја.
„Американскиот народ им оддава почит на сите Ерменци коишто загинаа во геноцидот што започна пред 106 години“, истакна во својата изјава претседателот Бајден во својата изјава во саботата, пренесува „Гардијан“.
Како почеток на крвавиот настан чиишто последици во Кавказот се чувствуваат до денешен ден, се смета 24 април 1915 година, кога во рации во Истанбул илјадници припадници на ерменската интелигенција беа уапсени и депортирани. И покрај тоа што многу историчари тврдат дека врз Ерменците пред речиси еден век е извршен геноцид, турските официјални власти денеска признаваат единствено дека имало масовни протерувања и насилни судири.
Веднаш по изјавата на американскиот претседател Џо Бајден, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го осуди мешањето во внатрешните работи на Турција.
„Никому не му користи тоа што дебатите, со кои треба да се занимаваат историчарите, ги политизираат трети страни користејќи ги како инструмент за мешање во нашата земја“, рече Ердоган во пораката до ерменскиот патријарх во Истанбул.
Турското министерство за надворешни работи пак го повика американскиот амбасадор во Анкара, Дејвид Сатерфилд поради изјавите на американскиот претседател Џо Бајден дека масакрот врз Ерменците во Отоманската империја во 1915 година бил геноцид. Заменик министерот за надворешни работи Седат Онал му рекол на американскиот амбасадор Сатерфилд дека изјавата на Бајден нема правна основа и дека Анкара ја отфрла и ја оцени како неприфатлива и ја осуди во најстроги услови.
Еден од најголемите сојузници на Турција – Азербејџан, со кого Ерменија е во константно непријателски односи од распадот на Советскиот Сојуз, изјави дека изјавата на американскиот претседател Џо Бајден е историска грешка.
Азербејџанскиот претседател, Илхам Алиев, ја осуди изјавата на американскиот претседател Џо Бајден за признавање на масакрот врз Ерменците во Отоманската империја во 1915 година за геноцид.
Наспроти него, ерменскиот премиер Никол Пашинијан преку писмо му порача на американскиот претседател Џо Бајден дека признавањето на геноцидот е прашање на безбедноста на Ерменија, особено по минатогодишните настани и избувнувањето војна во Нагорно Карабах.
Инаку, ситуацијата на Кавказот останува тензична, откако денеска ерменскиот премиер Пашинијан си поднесе оставка, овозможувајќи го со тоа одржувањето на предвремените парламентарни избори во Ерменија на 20 јуни. Политичката криза во Ерменија доаѓа откако ерменските вооружени сили претрпеа пораз во минатогодишната војна во Нагорно Карабах, која доведе до губење на дел од територијата на оваа непризнаена република во корист на Азербејџан.