fbpx

Слободата на медиумите во пад – закана за владеењето на правото

-

Да разгледаме малку подетално кои се прашањата кои ја преокупираат ЕУ во областа на владеењето на правото. Тоа го чиниме во серија од статии посветени на четирите области покриени со Извештајот на владеењето на правото на ЕУ: 1. судскиот систем 2. анти-корупциска рамка, 3. медиумски плурализам и слобода на медиумите и 4. системот на контроли и рамнотежи.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Започнуваме со темата за медиумите.

Клучниот критериум за избор на областите поврзани со медиумскиот плурализам и слободата на медиумите во Извештајот е „кадешто политичките одлуки и политики може да имаат силно влијание на способноста на медиумите да ја одиграат нивната улога“.

Во оценката ЕК се потпира во голема мерка на инструментот што го има воспоставено пред повеќе години – Монитор на медиумскиот плурализам, кој е резултат на истражувачката работа на Центарот за медиумски плурализам и слобода на медиумите при Европскиот универзитет – Фиренца, финансиран со проект на ЕУ. Мониторот ги проценува ризиците за медиумската слобода и плурализам во четири области: основна заштита на медиумските слободи, плурализам на пазарот, политичка независност и општествена вклученост на медиумите. Загрижувачки е што резултатите од истражувањето во 2021 година покажуваат значително влошување на состојбите во три клучни индикатори: слобода на изразувањето, заштита на правото на информации и новинарската професија и заштита на новинарите. И покрај тоа што ситуацијата со КОВИД се наведува како една од главните причини за ваквото назадување, ваквите трендови загрижуваат. Во поглед на политичката независност, во 2021 истите држави членки како и во 2020 година се оценети со висок ризик: Бугарија, Унгарија, Малта, Полска, Романија и Словенија. Инаку во овој извештај се опфатени и државите кандидати. Ризиците во Македонија се оценети како низок за основната заштита, и среден за останатите три клучни индикатори.

Независноста на медиумскиот регулатор, што е обврска на државите членки на ЕУ според Директивата за аудио-визуелни услуги е едно од прашањата во фокус на Извештајот за владеење на правото во ЕУ во областа на медиумите. Реформи се во тек во повеќе земји членки, и покрај тоа што сите имаат воспоставено независен регулатор. Сепак, ЕК забележува политичко мешање и покрај формалната независност (Хрватска, Малта, Словачка, Унгарија), неименување на членови (Романија), несоодветност на ресурсите (Слoвeнија и Шпанија).

Грција, Финска, Ирска и Литванија се држави во кои се забележуваат законски или институционални подобрувања во поглед на транспарентноста на сопственоста на медиумите. Од друга страна, Чешка, Словенија и Бугарија се предмет на критика. Ризици за транспарентноста и правичната распределба на средствата од државното рекламирање се констатираат во Австрија, Хрватска, Унгарија, Бугарија и Полска.

Како ризици за политичката независност ЕК ги дава примерите на политички контроверзи околу регулаторното тело во Чешка, сопственоста на медиуми од страна на главните политички партии (Малта), промени во начинот на финансирање на јавниот сервис и притисоци врз националната информативна агенција (Словенија), можно преземање на прес-група од страна на голема нафтена компанија (Полска), политичко влијание врз медиумите, поради сопственост на медиуми од страна на политичари (Бугарија), прекинување на работата на едно од последните независни радија (Унгарија).

Пристапот до информациите од јавен карактер е нормативно гарантиран во сите држави членки, но опстојуваат практични пречки во неговото остварување (Романија, Хрватска, Луксембург, Данска). Од друга страна, мерките преземени од државите во контекст на заштитата од КОВИД-19 имаа сериозно влијание врз остварувањето на ова право. Меѓутоа, додека рестрикциите во повеќето држави беа ограничени во време, повторно има примери на продолжување и екстензивно користење на ограничувањето на пристапот (Унгарија, Полска, Романија). Од друга страна, страна, како позитивни примери се наведуваат Холандија и Литванија кои овозможиле максимум слобода на движењето на новинарите за да можат објективно да известуваат во услови на пандемија.

За жал, Извештајот забележува влошување на состојбите во однос на заштитата на новинарите од закани и напади. Неодамнешните убиства на новинари во Грција и Холандија укажуваат на големите ризици за професијата, а со тоа – и за владеењето на правото генерално. Зголемено насилство врз новинарите е забележано на протестите во контекст на пандемијата од КОВИД-19 – како од страна на демонстрантите, така и од страна на полициските сили. Како посебна форма на заплашување се идентификуваат стратешките тужби против јавно учество, забележани во повеќе држави членки, со најексплицитни примери – Хрватска и Полска.

Скоро сите држави членки на ЕУ спровеле мерки за економска поддршка на медиумите и ноовинарите, кои западнаа во сериозна криза како последица на пандемијата. Сепак, ЕК изразува внимателност во однос на транспарентноста, правичноста на рапсределбата на средствата, како и јавната доверба на граѓаните во медиумите.

Несомнено, опоравувањето ќе биде неопходно во многу подрачја – а едно од клучните е секако слободата на медиумите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Не е точно дека француски трупи пристигнале во украинскиот град Славјанск

Станува збор за некритички пренесена вест од опскурен Телеграм канал „Воена хроника“, непознат во пошироката јавност, а неговата релевантност и кредибилност се под голем знак прашалник. Оваа вест не ја...