fbpx

Силна поддршка од Германија по средбата на Ковачевски со канцеларот Шолц

Имаме особена почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги вложува на патот кон ЕУ, изјави Шолц

-

По вчерашната официјална посета на премиерот Димитар Ковачевски во Германија и средбата со канцеларот Олаф Шолц, политичките партии од земјава денеска реагираат на пораките коишто ги упатија премиерите на двете земји.

Од владејачкиот СДСМ велат дека посетата на Ковачевски на Германија донела дополнителни придобивки за државата и нашата европска иднина.

„Директно од канцеларот Олаф Шолц добивме јасни и цврсти гаранции дека нови услови, нови пречки на европскиот пат нема да има. Дополнително, тој јасно ја нагласи големата почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги вложува во реформи на патот кон ЕУ“, велат од СДСМ.

Социјалдемократите потсетуваат дека сето ова доаѓа по усвојувањето на Резолуцијата во германскиот Бундестаг, со која се потврдува и дополнително афирмира македонскиот како рамноправен со сите останати јазици на Европската Унија.

Од СДСМ порачуваат дека пред сите нас во земјава сега е важен период во кој треба да влеземе одговорно и заеднички низ дијалог да го заокружиме процесот на уставните реформи.

„Сите политички субјекти, вклучително и ДПМНЕ треба во прв план да ги стават државните и националните интереси и заеднички низ консензус да ја обезбедиме европската иднина“, велат од СДСМ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски пак денеска реагираше дека за да се процени кредибилноста на изјавата на германскиот канцелар Шолц, дека “нема да има нови услови од Бугарија” освен нивното наметнато барање за измена на Уставот, корисно е да се потсетиме на изјавите на претходната канцеларка Меркел од 2018 и 2020 година, кога исто така од владата во Берлин беа дадени озбилни ветувања за интеграцијата во ЕУ, од кои до денес ниту едно не е исполнето, и покрај болните и изнудени измени на Уставот на Република Македонија.

„Затоа, како држава кон ветувањата од ЕУ, подобро е да сме претпазливи, отколку повторно разочарани“, вели Антонио Милошоски.

Коментирајќи ги најавите од Бугарија дека уставните измени се само првиот од условите што Северна Македонија треба да ги исполни на патот кон ЕУ, германскиот канцелар Олаф Шолц беше дециден дека такво нешто не е договорено.

„Не, тоа е јасно договорено. Треба да биде редовен пристапен процес согласно постапките на ЕУ и не треба да дојдат други кои се однесуваат на билатералните односи. Тоа е мојот став“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц, пренесува сервисот Дојче веле на македонски јазик.

Шолц пред средбата со Ковачевски вчера изјави дека Германија сериозно ја сфаќа перспективата во ЕУ за земјите од Западен Балкан, а тоа особено важи за Северна Македонија.

„Имаме особена почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги вложува на патот кон ЕУ“, изјави Шолц.

Премиерот Ковачевски вчера изјави дека сега останува да го реализираме следниот чекор, а тоа се уставните измени, кои ќе се најдат пред нашето Собрание и нашите 120 пратеници.

„Очекувам дека тие ќе покажат државничко однесување, ќе бидат на ниво на задачата и ќе донесат одлука со која ќе се овозможи подобра иднина, за нас, за идните генерации, за нашите деца“, рече Ковачевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...