Шведска и официјално ќе се приклучи во НАТО, откако Унгарија конечно, во понеделникот даде одобрение. Унгарија беше последната членка на западната алијанса што ја ратификуваше кандидатурата.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон во Вашингтон официјално ќе му ги предаде на шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен документите за ратификација до кои земјата стигна по долги борби со одделни членки на Алијансата.
Аналитичарите велат дека додавањето на нордиската нација во НАТО како нејзина 32-ра членка ќе донесе значителни воени способности на западната алијанса.
Кристерсон рече дека ова е „историски ден“ за неговата земја.
„Шведска има 200 години неутралност и неврзаност зад нас. Тоа е голем чекор. Мораме да го сфатиме сериозно. Но, исто така е многу природен чекор што го преземаме“, рече Кристерсон на прес-конференција во понеделникот во Стокхолм, откако Унгарија даде зелено светло.
„Членството во НАТО значи дека сега се приклучуваме кон голем број демократии кои работат заедно за мир и слобода. Нов дом каде соседите соработуваат за безбедност и група земји на кои, во пракса, припаѓавме многу долго време, додаде тој.
Сино-жолтото шведско знаме во понеделник треба да биде подигнато пред седиштето на НАТО во Брисел.
Минатата недела Русија вети дека ќе преземе „контрамерки“ како одговор на пристапувањето на Стокхолм во алијансата, што ќе зависи „од условите и степенот на интеграција на Шведска во НАТО“. Со приемот на Шведска, по Финска минатата година, сите земји со излез на Балтичкото Море, со исклучок на Русија, сега се членки на Атлантската алијанса.