Шест месеци од отворањето, ЈП Лајка заловила 399 кучиња во Скопје

Фото: ЈП Лајка

Од отворањето на новото Јавно претпријатие за благосостојба на животни скитници – Лајка на 14 октомври минатата година, па досега, заловени се вкупно 399 бездомни кучиња. Ова го соопшти претпријатието по повод шест месеци од отворањето.

„Вратени на локација се 223 кучиња, извршени се 184 стерилизации, 160 се кастрирани, 74 вдомени, 20 се вратени на сопствениците. Додека пак, еутанизирани се три и две кучиња се угинати. Со заловување на кучиња ЈП Лајка започна на 17.11.2021. Кучињата се заловени по пријави на граѓани, по Акциски план на ЈП Лајка и по пријави од Агенцијата за храна и ветеринарство“ велат од Лајка.

Од претпријатието ги повикуваат сите граѓани да се придружат кон заедничко решавање на проблемот со бездомните кучиња, а сликите на искасани и нападнати граѓани да бидат минато.

„Мета.мк“ го следи проблемот со бездомните кучиња и претходно пишуваше за оваа тема. Во јануари известивме дека 646 граѓани пријавиле каснување од бездомно куче, во период кога „Лајка“ имаше заловено околу 150 кучиња.