Лани 646 граѓани пријавиле каснување од бездомно куче, „Лајка“ заловила околу 150 кучиња

Фото: Арбнора Мемети

Минатата година пораснал бројот на пријави до полицијата за каснување од бездомни кучиња на територијата на Град Скопје, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.

Лани, пријавени се 646 случаи по горенаведениот основ и имајќи ја предвид ситуацијата со полицискиот час и карантинот на почетокот на пандемијата со корона вирусот, сепак нема намалување на бројот на каснување од бездомни кучиња. Напротив, бројот пораснал за околу 30-тина пријави во споредба со 2019 година, кога имало 618 вакви случаи.

Во периодот 2017-2020 година на територија на Град Скопје, вкупно 1.790 граѓани биле каснати од бездомно куче.

Лани, по година и пол најави се отвори Јавното претпријатие „Лајка“, за згрижување бездомни кучиња. Оттаму во изјава за „Мета.мк“ велат дека досега се заловени околу 150, а граѓаните вдомиле 27 кучиња.

„Навистина ни е многу драго што за кратко време имаме вдомено значителна бројка на кучиња. Граѓаните ја препознаа нашата хумана мисија и знаат дека добиваат здрав миленик. Во моментов ги заокружуваме процедурите за вдомување надвор од град Скопје и надвор од државата“ додаваат од претпријатието.

Инаку, сите кучиња коишто се заловуваат или се донесени од хумани граѓани во „Лајка“ подлежат на испитувања, крвна слика, 4д тест, тест за лишманија по акредитирана метода, се чипираат, се обележуваат со ушна маркица, се кастрираат/стерилизираат и доколку не се вдомат се враќаат на локацијата од која што се земени. Од „Лајка“ потврдуваат дека 40 кучиња се вратени на локациите.

Во врска со идните планови на претпријатието, оттаму потенцираат дека со поддршка на Град Скопје ќе работат по нова програма во која што се предвидени и бездомните коњи.

„Освен „залови и стерилизирај/кастрирај“, ќе ја продолжиме и досегашната кампања за вдомување на бездомни кучиња и едукација на граѓаните. Исто така, во план се и отворени денови и едукативни работилници, кои се надеваме дека ќе може да се реализираат во согласност со мерките пропишани за ковид-19“ додаваат од „Лајка“, од каде што велат дека имаат континуирана соработка со Факултетот за ветеринарна медицина и со Агенцијата за храна и ветеринарство.

Според нивната анализа направена по англиска метода, во Скопје има околу 2.000 бездомни кучиња.

Инаку, секој граѓанин кој што ќе биде нападнат или каснат од бездомно куче има можност да иницира приватна тужба против Град Скопје, каде може да добие надомест на штета настаната како резултат на каснувањето. Од општината, минатата година за „Мета.мк“ изјавија дека висината на надоместокот на штетата ја утврдува судот, а таа е различна од случај до случај, во зависност од степенот на настаната штета.

„Според некои просечни вредности, годишно околу сто граѓани поднесуваат тужба бидејќи биле нападнати, каснати и повредени од улични кучиња. Речиси сите тужби завршуваат со полза на граѓаните, а обесштетувањето кое потоа им го плаќа Градот се движи од 1.000 до 2.000 евра“, велат од Град Скопје.

„Мета.мк“ го следи проблемот со бездомните кучиња и претходно известуваше за оваа тема.