fbpx

Шанса за Центар и општина Центар во костец за земјиштето кај фабриката Треска

Јана Белчева од „Шанса за Центар“ денеска рече дека на ним не им е познато кој расчистува во кругот на комплексот Треска

-

Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ денеска укажаа дека градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски ги крши одлуките и прописите и работи спротивно од сопствените предизборни ветувања во однос на комплексот Треска во центарот на Скопје. Од општината реагираа дека станува збор за лаги и манипулации.

Од „Шанса за Центар“ изјавија дека не добиле информација на Совет на општина Центар кој го расчистува теренот во комплексот Треска, откако изминативе недели се појавија багери на локацијата што почнаа да рушат дел од објектите.

Кој расчистува во комплексот Треска

Јана Белчева од „Шанса за Центар“ рече дека ним не им е познато кој расчистува во кругот на комплексот Треска. Таа потсети дека лани ова време, се случи пожарот во Треска, после што се утврди дека навистина има канцерогени материјали во комплексот, по што градоначалникот Герасимовски рече дека ќе бидат задолжени сите сопственици да си го исчистат сопствениот терен.

„Дали тоа се работи или не, нне сме добиле информација на Совет, дали тоа тие го чистат или некој друг го чисти, исто така не ни е јасно“, изјави Јана Белчева.

Таа вели дека градоначалникот Герасимовски не ги исполнува сопствените предизборни ветувања и го игнорира конкурсот и награденото конкурсно решение за новото урбанистичко решение што се однесува на фабриката Треска.

Од „Шанса за Центар“ потсетуваат дека нумеричките податоци за домување во важечкиот ДУП за Буњаковец се спротивни на Генералниот урбанистички план (ГУП) за периодот 2012-2022 година. Според ГУП-от, процентот на изграденост за домување треба да биде 22,17 отсто, додека во важечкиот ДУП процентот е дури 61,25 отсто. Генералниот урбанистички план за овој детален урбанистички план Буњаковец се предвидел 12.500 жители, додека важечкиот ДУП каде што спаѓа и комплексот Треска има предвидено дури 33.774 жители. Ова значи дека ДУП-от не ги следи параметрите зададени во ГУП-от за овој дел од центарот на Скопје.

Од „Шанса за Центар“ велат дека деновиве се објавило оти се издадени првите одобренија за продажба на државно земјиште во комплексот Треска, со што се дооформуваат парцели како чекор пред издавање на градежни дозволи.

„Потсетуваме дека 47% од целокупното земјиште на таа локација е државно. Тоа значи дека ќе се гради според незаконскиот план скандалозно донесен во 2012 година. Со тоа се распрсна уште едно предизборно ветување на СДСМ, кога при промената на власта во 2017 година со сите сили застанаа против тој незаконски план и ветија дека ќе се поништи“, велат од „Шанса за Центар“.

Општина Центар: „Шанса за Центар“ да престанат со шпекулации

Од Општина Центар реагираат на денешната прес-конференција на „Шанса за Центар“, тврдејќи дека станува збор за лаги и манипулации за просторот кај поранешна „Треска“, кои најостро ги отфрлаат.

Оттаму велат дека во делот на површината на државното земјиште, 47 отсто навистина е државно земјиште, но само околу 10 отсто е предмет на дооформување и таа постапка за дооформување на градежни парцели е законска обврска на општината.

„Останатите 37 отсто се наоѓаат под површини планирани за јавна намена, како улици, тротоари, пешачки патеки, блоковско зеленило и не се предмет на отуѓување по ниеден основ“, велат од општината.

Тие додаваат дека градоначалникот Герасимовски се заложил на просторот биде донирана и изградена градинка и парк, а блоковското зеленило да биде над задолжителните 20 отсто на парцелите.

Новото раководство на Општина Центар преку Град Скопје повело постапка за донесување на регулациски план за ДУП Градска четврт З11, локалитети Буњаковец 1 и 2, со што значително би се олеснила процедурата за одвојување и донесување на план само за просторот кај фабриката Треска, со што приоритет му се дава токму на овој дел од градот.

„Сѐ до носењето на ваквиот регулациски план, општината ниту може законски, ниту пак има надлежност да стопира правни постапки на сопствениците, бидејќи за тоа кривично се одговара“, велат од општината.

Тие посочуваат дека „Шанса за Центар“ повторно се зафатиле со бранење на конкурсот кој го распишала Јана Белчева, која претседаваше со Советот на општината и која сама знае дека во реалноста не може да се реализира.

„Нема ниедна законска можност, ниту пак тој конкурс е спроведен согласно закон, за истиот на било кој начин да се користи“, стои во реакцијата на Општина Центар.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...