Шаќири за Порталб: Апликацијата за електронска идентификација преку мобилен е подготвена

Photo by Arnel Hasanovic on Unsplash

Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, за Порталб.мк денеска изјави дека апликацијата за електронска идентификација е подготвена и од следната недела ќе почне да се имплементира во банкарскиот сектор.

„Пред неколку месеци ја промовиравме апликацијата за електронска идентификација со Mastercard. Апликацијата е подготвена, следната недела ќе дојдат претставници на Mastercard и ќе започне со имплементација во првата банка, во банкарскиот сектор. Но, со добра соработка со министерството, електронската идентификација ќе биде поставена и на порталот uslugi.gov.mk каде што граѓаните ќе можат да ги добијат електронските идентификации и да ги користат за понатамошни постапки “, рече министерот Шаќири одговарајќи на прашање на Порталб.мк.

Оваа апликација се споменува уште од февруари 2020 година, кога со МИОА раководеше министерот Дамјан Манчевски. Ветувањата на надлежните беа дека граѓаните преку мобилните телефони, односно апликацијата, ќе имаат можност да ги скенираат своите лични документи, лична карта или пасош. Предвидено е апликацијата преку мобилната камера да го идентификува лицето и потоа истото да може да издава релевантни документи без да мора да оди на шалтерите.

Според владините претставници, таквата услуга ќе овозможи замена на хартијата и пенкалото со електронски документи, електронски потписи и одобрувања преку мобилни телефони.

Апликацијата требаше да биде готова пред 6 месеци, како што најави премиерот Зоран Заев заедно со министрите за финансии и информатичко општество и администрација, Фатмир Бесими и Јетон Шаќири, како и претставниците на Народната банка и Дирекцијата за финансиско разузнавање, одржаа состанок со претставници на “MasterCard”, една година по потпишување на меморандумот.

„Ова е прва услуга за електронска идентификација на граѓаните и ќе биде достапна на крајот на април. Ова значи дека за услугите за кои досега граѓаните требаше да го потврдат својот идентитет со физичко присуство, ќе можат да го сторат тоа од својот компјутер, лаптоп или мобилен телефон“, рекоа на 19 февруари од Владата.

Порталб.мк, во изминатиот период направи неколку истражувања во врска со електронските услуги. Преку истражувачка сторија го покажавме начинот на кој двајцата млади луѓе го добија изводот од венчани и предизвиците со кои се соочи овој пар од Скопје, во отсуство на дигитализација. Во ноември минатата година, објавивме анкета од четири дела за тешкотиите со кои се соочуваат граѓаните при (не)издавање документи со еден клик во интернет. Порталб.мк посочи дека во областа на електронските услуги, Северна Македонија е 10 години зад Европската унија.