fbpx

По доцнење од 4 месеци, апликацијата за електронска идентификација за вадење документи од мобилен не е готова

-

Република Северна Македонија станува една од првите земји во светот, каде целото население ќе има можност за електронски идентитет. Ова е ветување на повеќе владини органи од 7 февруари 2020 година, при потпишување на меморандумот за разбирање со „Мастер кард“, кога со Министерството за информатичко општество раководеше Дамјан Манчевски. Денес сме кон крајот на јули 2021 година и ова ветување сè уште не е достапно за граѓаните, бидејќи апликацијата за дигитална идентификација на граѓаните сè уште не е завршена, пишува Порталб.мк.

Ветувањата на надлежните беа дека граѓаните, преку мобилните телефони, односно апликацијата ќе имаат можност да ги скенираат своите лични документи, лична карта или пасош. Имено, апликацијата преку камерата на мобилниот телефон ќе го идентификува лицето и потоа тој ќе може да вади релевантни документи без да мора да оди пред шалтер. Според надлежните, таквата услуга ќе овозможи замена на хартијата и пенкалото со електронски документи, електронски потписи и одобренија преку мобилни телефони.

Порталб.мк, пред два месеци, се заинтересира да дознае зошто апликацијата сè уште не е готова. Надлежните рекоа дека се работи на поврзување на платформите со системот.

„Услугата е воспоставена, а во моментов се работи на имплементација на системот. За да биде достапен, системот мора да се надополни преку конекција на платформите. Се очекува истата да биде достапна во следниот период, и зависи од тоа кога ќе заврши врската на платформите во системот“, рекоа на 15-ти мај од Владата на Северна Македонија.

Порталб.мк повторно контактираше со надлежните за да ги праша за спроведувањето на овој проект, но тие нè упатија до Министерството за информатичко општество и администрација, од каде рекоа дека првите интеграции ќе се реализираат кон средината на август.

„Што се однесува до системот за електронска идентификација, усогласувањето на некои технички карактеристики одзеде повеќе време отколку што е вообичаено. Има редовни состаноци помеѓу Мастер кард и банките и другите институции. Првите интеграции ќе се случат околу средината на август. Состанокот закажан за во четврток (22.07.) не се одржа бидејќи голем дел од вработените се на одмор. Се надевам дека наскоро ќе можеме да ви дадеме конкретен датум, бидејќи тоа е прашање што зависи од многу фактори, не само од Министерството за информатичко општество и администрација “, рекоа од МИОА, додавајќи дека ќе се направи интеграција на една од банките со системот на Mastercard за е-лична карта и на овој начин ќе се направи и е-лична карта.

Апликацијата требаше да биде готова пред 4 месеци и граѓаните сега веќе требаше да можат да ја користат. Барем така вети владата за време на еден настан каде премиерот Зоран Заев, заедно со министрите за финансии и информатичко општество и администрација, Фатмир Бесими и Јетон Шаќири, како и претставници на Народната банка и Управата за финансиско разузнавање, одржаа состанок со претставниците на „Мастер кард“, една година по потпишувањето на меморандумот.

„Ова е прва услуга за електронска идентификација на граѓаните и ќе биде достапна на крајот на април. Ова значи дека за услугите за кои досега граѓаните требаше да го потврдат својот идентитет со физичко присуство, тоа ќе можат да го сторат од нивниот компјутер, лаптоп или мобилен телефон“, рекоа на 19 февруари од Владата.

Инаку, дигитализацијата на електронските услуги е повеќе од неопходна, особено во време на пандемија кога самите здравствени власти бараат што е можно помалку контакти меѓу луѓето. Долгите редици во банките и институциите кои издаваат одредени документи се потенцијален ризик за ширење на вирусот ковид-19. Освен тоа, придобивките од е-услугите се огромни – граѓаните ќе заштедат време, пари, зошто да не и нерви од чекањето и талкањето од шалтер на шалтер, со денови или можеби дури и со недели.

Но, електронските услуги мора да бидат функционално комплетни и ефикасни, а не како што се во моментот, затоа што и покрај фактот што граѓаните аплицираат за дигитални документи, сепак мора да одат пред шалтери.

Порталб.мк, во изминатиов период направи неколку истражувања за прашањето на електронските услуги. Преку истражувачка сторија, го претставивме начинот на кој двајцата млади луѓе добија извод на венчаните и предизвиците со кои се соочи овој пар од Скопје, во отсуство на дигитализација. Во ноември минатата година, објавивме истражувачка сторија во четири дела за тешкотиите со кои се соочуваат граѓаните при (не) издавање документи со еден клик на Интернет. Порталб.мк посочи дека што се однесува до електронските услуги, Северна Македонија заостанува 10 години зад Европската унија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...