Шаќири: Од 1 јули ќе се укинат тарифите за роаминг за граѓаните на 6-те земји од Западен Балкан

Министерот Јетон Шаќири на министерскиот состанок за телекомуникации на Западен Балкан во Подгорица, 25 јуни 2021. Фото: МИОА

Инспирирани од Европската Унија, воспоставивме и создадовме средина каде што сите граѓани на земјите од Западен Балкан ќе можат безбедно да ги користат своите мобилни телефони за да остваруваат повици, да испраќаат пораки или да сурфаат на интернет низ сите земји во Западен Балкан без дополнителни трошоци од 1 јули, порача министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, најавувајќи го укинувањето на роамингот меѓу овие земји.

Тој во Подгорица, главниот град на Црна Гора, учествува на состанокот на министри од 6-те земји од Западен Балкан, одговорни за дигиталната трансформација и политиките за информациски и комуникациски технологии, организиран од Советот за регионална соработка (RCC), “Heading towards Roaming Free Western Balkans”.

Министерот Јетон Шаќири, најавувајќи го укинувањето на роамингот во земјите на Западен Балкан, рече дека ова е само почеток и дека следниот чекор треба да биде намалување на трошоците за роаминг меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ.

“Важноста на овој договор е исклучително голема и е предуслов да се започне процесот за намалување на трошоците за роаминг и помеѓу 6-те земји од Западен Балкан и земјите од Европската Унија. Меморандумите за 5G, интероперабилност и доверливите услуги, потпишани минатата година во Тирана, ја отворија вратата за изградба на заеднички технички јазик. Ова ќе им овозможи на ИКТ системите ефикасно да комуницираат во регионот, и во иднина исто така со земјите од Европската Унија. Тоа е мал, но важен чекор на патот кон градење дигитално општество засновано на доверба“, рече Шаќири.

Од 1 јули, корисниците на македонски броеви ќе може да ги користат своите телефони за разговори под истите услови како во Северна Македонија, кога се во Србија, БиХ, Црна Гора, Косово и Албанија, доколку сакаат да повикаат број во Македонија или одговорат на повик од мобилен број од земјава. Сепак, за сите детали, како и за испраќањето СМС и користењето интернет во роаминг, корисниците ќе треба да ги проверат условите на веб-сајтовите на мобилните оператори.