Финансиски надомест од 70.000 евра ќе им се додели на семејствата на загинатите припадници на полицијата, одлучи Владата на седница што се одржа во понеделникот вечер.
Најтешко ранетиот полицаец ќе добие финансиски надомест од 40.000 евра додека, пак, на четирите полицајци кои се тешко повредени и се хоспитализирани на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување, а се под интензивно лекување, ќе им се додели финансиски надомест од 35.000 евра.
На деветнаесетте полицајци кои се веќе оперирани заради потешки повреди или, пак, имаат потешки повреди, ќе добијат по 25. 000 евра.
Другите тринаесет полицајци што беа повредени и ранети во акцијата ќе се обесштетат со финансиски надомест од 15.000 евра.
На припадниците на Единицата за специјални задачи и на припадниците на Единицата за брзо распоредување кои беа ангажирани во полициската акција во Куманово, ќе им се додели финансиски надомест во висина од 10.000 евра. Исто толкав надомест ќе добијат и припадниците на хеликоптерската единица што учествуваа во акцијата и на професионалците од штабот што раководеа со акцијата во Куманово.
На припадниците на Посебната единица на полицијата кои беа ангажирани во полициската акција во Куманово, ќе им се додели финансиски надомест во висина од 5.000 евра.
Исто така, Владата го задолжила Министерството за внатрешни работи на следната владина седница да достави информација со предлог за висина на финансиски надомест за припадниците на редовниот полициски состав ангажирани во Полициската станица во Куманово, кои биле на должност за време на акцијата.
Медицинскиот персонал ангажиран во време на полициската акција во Куманово, во Ургентниот центар на Комплексот клиники „Мајка Тереза“, во Градска општа болница „8 Септември“ – Скопје, во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – Скопје, во Општата градска болница во Куманово, во Итната медицинска помош во Скопје, во Итната медицинска помош во Куманово, и тимовите од итната медицинска помош од Штип, Велес и од Свети Николе ангажирани во Куманово, ќе добие финансиски надомест во висина од една месечна плата по медицински работник.
На последната седница на која се разгледувала точката за случувањата во Куманово, Владата формирала комисија за процена на оштетувањата на недвижниот и на движниот имот во местото каде се одвиваше акцијата. Комисијата во рок од една недела треба да излезе на терен и да подготви и да достави до Владата извештај за процената на штета. Комисијата е составена од претставници на Владата и на Општина Куманово.
Владата одлучи да се изврши обесштетување на недвижниот и на движен имот во висина од 100 отсто од проценетата штета наведена во извештајот од комисијата.
Донесена е и одлука да се обезбеди сместување за сите оние семејства чии домови се оштетени во акцијата во мерка која не дозволува услови за престој во нив или, пак, да добиваат надомест за закуп на други простории во периодот додека трае санацијата.
Сите семејства ќе добијат првична еднократна хуманитарна помош во висина од 100.000 денари по единица оштетен дом во мерка која не дозволува услови за престој.
Владата одлучи надлежните државни комунални, медицински и санитарни институции, во соработка со Општина Куманово и со Град Скопје, да го расчистат теренот за да се обезбедат потребните комунални и санитетски услови.