Преку зголемување на казните за загрозување на сигурноста на медиумските работници, ќе се воспостави нов системски механизам за заштита на правата на новинарите, изјави извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, за Мета.мк.
Изјавата следува откако измените на Кривичниот законик завчера беа усвоени од пратениците во Собранието.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) две години ги бараа овие измени, со цел да се обезбеди поголема системска заштита на медиумските работници.
Измени во Кривичниот законик, за напаѓачите на новинари ќе следи затворска казна
Според Секуловски, измените предвидуваат неколку клучни новини кои се многу важни за заштита на новинарите и на медиумските работници, за кои ЗНМ претходно изработи и објави и компаративни искуства од регионот, а кои се однесуваат на законските одредби за делата убиство, присилба и загрозување на сигурноста.
„Овие дела добиваат квалификуван облик кога станува збор за медиумски работници преку зголемување на казните за делата убиство или присилба, како и за делото загрозување на сигурноста. Освен ова, измените во делот за загрозување на сигурноста предвидуваат нов квалификуван облик, кој освен повисоки казни за повреда на овие права на новинар или друг медиумски работник или друго лице што врши работи од јавен интерес при вршењето на професионалните задачи или во врска со вршењето на професионалните задачи, обвинителството ќе постапува по службена должност“, рече Секуловски.
Тој истакна дека на овој начин, преку продолжување на надлежноста на обвинителството и преку зголемување на казните за делата присилба односно загрозување на сигурноста на медиумските работници се воспоставува нов системски механизам за заштита на правата на новинарите.
„Она што е важно за во иднина е да се воспостави позитивна судска пракса со доследна примена на овие измени со цел конечно правосудните органи да имаат проактивен пристап при заштита на правата на новинарите. Преку функционален систем за заштита на новинарите се очекува дека во иднина ќе се демотивираат напаѓачите да се закануваат и да напаѓаат, а на тој начин да се осигура безбедна средина како основен предуслов за нивната работа“, рече Секуловски.
Претседателот Стево Пендаровски е следен на потег за да стави потпис на законските измени, по што тие ќе бидат објавени во Службен весник и ќе стапат на сила.