Се вдоми Сики, кучето кое беше оставено во парк за миленици со ветеринарната книшка

Сики, кучето кое беше напуштено на светскиот ден на животните во парк за миленици, му се насмевна среќата и си го најде својот дом и семејство, велат од ЈП „Лајка“

Фото: Колаж од фотографии од ЈП „Лајка“

Кучето Сики, кое пред десетина дена несовесни сопственици го имаа оставено во парк за миленици, заедно со неговата ветеринарна книшка, си најде нов дом. Од ЈП „Лајка“, каде што Сики беше сместен во последниве денови откако беше напуштен, соопштија дека среќата сепак му се насмевнала.

„Сики, кучето кое беше напуштено на светскиот ден на животните во парк за миленици, му се насмевна среќата и си го најде својот дом и семејство. Со среќа Сики, сега барем знаеме дека ќе бидеш среќен“, напишаа од ЈП „Лајка“ на нивниот профил на Фејсбук.

Пред десетина дена, фотографии од напуштеното куче се вртеа низ социјалните мрежи, со коментари во однос на неодговорноста и несовесноста на сопствениците на милениците.

Обидите да се залови Сики траеја речиси два дена. Кучето, како што сведочеа вработените во ЈП „Лајка“ било потресено и им бегало, но на крај обидот за заловување бил успешен.

Токму неодговорното сопствеништво се потенцира и како најголем проблем во однос прекубројноста на уличните кучиња во земјава. Уште поголем проблем е неказнивоста на оние кои ќе си го напуштат миленикот.

Го оставиле кучето со ветеринарната книшка во парк за миленици, сега му се бара нов дом