Го оставиле кучето со ветеринарната книшка во парк за миленици, сега му се бара нов дом

Токму кога се одбележуваше Светскиот ден на животните, кутре со мал раст било оставено во паркот за миленици кај објектот на поранешна „Нова Македонија“. Луѓето што го напуштиле, го оставиле и неговиот вакцинален картон и храна за него. Од ЈП „Лајка“ бараат дом за него

Фото: ЈП Лајка

Пред два дена, токму кога се одбележуваше Светскиот ден на животните, мало кутре било оставено во паркот за миленици кај објектот на поранешна „Нова Македонија“. Сопствениците кои го напуштиле, го оставиле и неговиот вакцинален картон и храна за него.

Фотографии од напуштеното куче се вртеа низ социјалните мрежи, со коментари во однос на неодговорноста и несовесноста на сопствениците на милениците. Токму неодговорното сопствеништво се потенцира и како најголем проблем во однос прекубројноста на уличните кучиња во земјава. Уште поголем проблем е неказнивоста на оние кои ќе си го напуштат миленикот.

Од јавното претпријатие „Лајка“ денеска успеаја да го најдат напуштеното куче. Како што сведочат вработените, долги биле обидите да го заловат. Кучето било потресено и им бегало, но на крај, попладнево, обидот за заловување бил успешен.

„Вчера ни направи убава утринска гимнастика…Пустиот, преплашен не знаеше каде да бега. На крај се предаде. Има најубави очи на светот. Фактот дека сте го оставиле со книшка и во “затворен простор” ве прави помалку виновни? Таа тема е долга, тажна и за жал сè почеста…“, сведочи еден од вработените во ЈП „Лајка“.

Фото: ЈП „Лајка“

Сега напуштеното куче има име, Сики, и се наоѓа во стационарот за бездомни животни.

„Не само што оваа цела случка е многу тажна, туку и е многу стресна за ова куче. Сопствениците што го напуштија, го немаат микрочипирано и не можеме да ги идентификуваме. Сики е сега безбеден во нашето прифатилиште, но мораме да му најдеме дом. Сики има 10-12 месеци и е мал раст. Во овој момент е многу тажен и збунет, но со љубовта која ја добива од нашите вработени веруваме дека за брзо време ќе биде среќно и весело кутре, како што бил некогаш“, велат од ЈП „Лајка“.