fbpx

СДСМ со кривична за битолскиот градоначалник оти не потпишува смена на одборите во јавните претпријатија

„Измина рокот од 7 дена предвиден со Законот за локална самоуправа во кој градоначалникот бил должен да постапи или на едниот или на другиот начин, а тој тоа не го сторил. Напротив, поминати се 20 дена со што истиот, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, го прекршил Законот за локална самоуправа член 51, со што сторил кривично дело од член 353 од Кривичниот законик“, се наведува во кривичната пријава поднесена од СДСМ

-

Советничката група на СДСМ во Советот на општина Битола денеска до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против битолскиот градоначалник, Тони Коњановски, затоа што не ги потпишал одлуките донесени на 27-та седница на општинскиот совет за разрешување на членовите на управните и надзорните одбори на битолските јавни претпријатија.

Во поднесената кривична пријава од СДСМ се наведува дека битолскиот општински совет донел одлуки-заклучоци за разрешување на управните и надзорните одбори на шест јавни претпријатија, кои биле потпишани од претседателката на советот, Габриела Илиевска и доставени во предвидениот рок до градоначалникот Коњановски.

„Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, согласно Законот за локална самоуправа, член 51, е должен во рок од 7 дена, да донесе решение со кое или ќе ги прифати и објави во “Службен гласник” или ќе донесе решение со кое ќе го запре објавувањето на заклучоците-одлуките и решенијата да ги достави на повторно одлучување во Советот. Измина рокот од 7 дена предвиден со Законот за локална самоуправа во кој градоначалникот бил должен да постапи или на едниот или на другиот начин, а тој тоа не го сторил. Напротив, поминати се 20 дена со што истиот, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, го прекршил Законот за локална самоуправа член 51, со што сторил кривично дело од член 353 од Кривичниот законик“, се наведува во кривичната пријава поднесена од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, партијата од чии редови е градоначалникот Коњановски, велат дека во петок Државниот инспекторат за локална самоуправа треба да изврши вонреден инспекциски надзор токму во однос на разрешувањето на членовите на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, кој е инициран од градоначалникот.

Инаку, со гласовите на советниците од СДСМ, независната граѓанска листа „Поинаку“, Левица и ДОМ на 31 мај годинава беа разрешени членовите на управните и надзорните одбори на битолските јавни претпријатија „Водовод“, „Комуналец“, „Пазари“, „Паркинзи“, „Жабени“ и Културно-информативниот центар.

ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби управните и надзорните одбори во битолските јавни претпријатија

Тогаш советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата, а градоначалникот Коњановски објасни дека Советот не може само да ги разреши сите членови на управните и надзорните одбори, туку истовремено треба да именува нови, што не било направено на општинската седница.

Иако има градоначалник, ВМРО-ДПМНЕ во Битола нема мнозинство во битолскиот општински совет. До неодамна, од партијата соработуваа со советниците од независната листа „Поинаку“, од каде доаѓа и претседателката на Советот, Габриела Илиевска. Сепак, пролетва ја одбележаа караници меѓу Илиевска и Коњановски, по што ВМРО-ДПМНЕ го изгуби мнозинството во битолскиот општински совет.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...