ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби управните и надзорните одбори во битолските јавни претпријатија

Досегашното мнозинство во битолскиот општински совет кое ги имаше именувано управните и надзорните одбори беше од ВМРО-ДПМНЕ и независната листа „Поинаку“

Принтскрин од седница на Совет на општина Битола; Извор на видео: Општина Битола

Продолжуваат политичките препукувања во Советот на општина Битола. Со гласовите на советниците од СДСМ, на независната листа „Поинаку“ и на Левица, вчера доцна вечер беа разрешени членовите на управните и надзорните одбори на битолските јавни претпријатија „Водовод“, „Комуналец“, „Пазари“, „Паркинзи“, „Жабени“ и Културно-информативниот центар.

Пред гласањето по овие точки, советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија општинската седница, напоменувајќи дека е прекршен Деловникот за работа на советот и прекршен е Законот за јавните претпријатија. Инаку, досегашното мнозинство во битолскиот општински совет кое ги имаше именувано управните и надзорните одбори беше од ВМРО-ДПМНЕ и независната листа „Поинаку“.

Од општинскиот огранок на СДСМ во Битола денеска им се заблагодарија на сите советнички групи што го поддржале разрешувањето на членовите на управните и надзорните одбори на битолските јавни претпријатија, напоменувајќи дека тие работат недомаќински или работат во интерес на ВМРО-ДПМНЕ.

„Најголемиот виновник за состојбите во Битола е токму градоначалникот Тони Коњановски кој со месеци молчи и ништо не презема додека пред очите му се случува колапс на Битола. Коњановски, заради мир во сопствените партиски редови, скоро две години ги штити и брани директорите кои ги претворија претријатијата во загубари. Коњановски избра да слугува на ДПМНЕ, а не да работи во интерес на Битола“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека битолскиот градоначалник нема да ги потпише донесените одлуки на советот и дека истите се невалидни.

По разрешувањето на членовите на управните и надзорните одбори, на следната седница на општинскиот совет треба да се изберат нови членови кои ќе раководат со битолските јавни претпријатија.

Политичката криза во Советот на општина Битола трае веќе неколку недели. Расправиите меѓу битолскиот градоначалник Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ и претседателката на општинскиот совет Габриела Илиевска од „Поинаку“ траат уште од прекинувањето на 26-тата седница на советот, за што мораше да интервенира и Вишиот државен инспекторат за локална самоуправа.

И вчера градоначалникот Коњановски ја обвини Илиевска дека згрешила во водењето на 26-тата седница кога незаконски ја прекинала, со што предизвикала политичка криза. Тој тврди дека Илиевска не го почитува решението на инспекторот за локална самоуправа за незаконско прекинување на седницата.

Илиевска пак го обвини градоначалникот дека побарал од битолскиот општински совет да му изгласа покачување на платата од 78 отсто за да се примени одлуката на Уставен суд.

ВМРО-ДПМНЕ и Левица во битолскиот совет изгласаа помош за семејствата на осудените за 27 април