Претседателот на општинската организација на СДСМ од Охрид, Томислав Тунтев, на денешната прес-конференција објави разговори за злоупотреба на медиумите, за купување парцели во Охрид од интерес на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, фабрикувани скандали и местенки пред локалните избори во 2013 година.
Според него, во 2013 година, за време на локалните избори, сите државни институции биле злоупотребени за партиски потреби на ВМРО-ДПМНЕ, а биле ангажирани и параполициски структури.
Во првиот што беше денеска објавен, разговот се слуша како Мартин Протоѓер зборува со Драган Павловиќ-Латас и му вели во „Вечер“ „да пукне на насловна“ фотографија како директор на охридско училиште „со средношколки пие шампањ“.
Во разговор, пак, помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески се слуша како министерот за финасии ѝ се жали на министерката затоа што е од ВМРО. Јанкулоска му објаснува дека Кире, шефот на кабинет, кој живее во Центар, ѝ рекол дека „само поради неа врши работа, инаку му се гади од целата работа“.
Во една од денеска објавените аудиоснимки, Мартин Протоѓер и соговорник од обезбедувањето на Груевски зборуваат за тоа дека на Протоѓер му треба екипа од пет-шест души, „така здрави луѓе“, што ќе дојдат во Охрид со него во кампања.
Тој му вели на соговорникот да размисли „за луѓе од полиција и од војска“.
Во разговор меѓу Мартин Протоѓер и Љупчо Тодоровски-Радникот, се слуша како Протоѓер му кажува дека ќе оди во Охрид „со екипа“ и дека му се јавува за командирите да не им прават проблеми на неговите одбрани луѓе. Му вели дека имињата на луѓето ќе му ги прати по СМС.
Мартин Протоѓер и Гордана Јанкулоска разговараат „за екипата“ и тој ѝ објаснува дека треба да замижи за тоа дека таму ќе прават „тешки глупости“. Јанкулоска вели „да шибаат“.
СДСМ објави разговори за кои посочи дека се помеѓу Мартин Протуѓер и Миле Јанакиески, а преку кои се дознава дека градската власт на Никола Бакрачески не била заинтересирана за заштита на Студенчишкото блато.
Миле Јанакиески, од позиција на министер за транспорт и врски, му сугерира на Протоѓер да ја регулира сопственоста на земјиштето кај Рача, во близина на остатокот на Студенчишко блато.
Мартин Протоѓер бара од Јанакиески, со странска компанија во Македонија да договори купување земјиште во сопственост на Протоѓер и на негови блиски роднини. Тој договара вцртување на имотот, промена на планови, урбанизација и можна продажба на земјиштето, иако на тоа место било планирана туристичка развојна зона и заштита на Студенчишко блато како споменик на природата.
Веднаш по пристигнувањето на параполициските структури во Охрид, според објаснувањата на Томислав Тунтевски на денешната пресконференција, била превземена и првата акција. Во уште една аудиоснимка што беше обелоденета, Протоѓер бара од Миле Јанакиески да пренесе заканувачка порака до сопственикот на приватната компанија „Илинден“, веднаш да ги запре сите градежни активности во Охрид, да го запре асфалтирањето на улиците во градот.
Денеска во Охрид СДСМ ќе одржи и марш низ улиците на градот, по што на плоштадот се очекува да говори претседателот на партијата, Зоран Заев.