fbpx

Руски напад на украинската енергетска инфраструктура, делови од Кијив оставени и без вода за пиење

-

Нов масовен ракетен напад на Русија врз инфраструктурни објекти во Украина, којшто доведе до прекини на снабдување со струја и вода за пиење и во главниот град Кијив, пренесува Би-би-си. Најмалку две експлозии биле регистрирани во Кијив, а напади врз инфраструктурни објекти имало и во Харкивскиот, Запорижскиот, Черкаскиот, Виницкиот, Днипропетровскиот и Лвивскиот регион во Украина.

Украина воведе итни мерки за рестрикции на електрична енергија низ целата земја како последица на руските ракетни напади, пренесува Укринформ. Прекини во снабдувањето со струја се регистрирани и во Черкаскиот регион во централниот дел на земјата поради ракетирање на инфраструктурен објект, јавува Укринформ.

Би-би-си пренесува дека руските ракети погодиле и хидроелектрана на реката Днипро во регионот Запорижја, додека ракетниот напад врз Кијив погодил енергетски објект којшто обезбедува струја за 350.000 домаќинства во украинскиот главен град. Украинските власти тврдат дека Русија употребила стратешки бомбардери за да гаѓа цивилни објекти, коишто немаат никаква воена вредност.

Би-би-си појаснува дека руските ракетни напади се одмазда кон Украина за нападот со дронови врз руската црноморска флота што викендов се случи во Севастопољ на полуостровот Крим, за кој Русија тврди дека е извршен од Украина. Инаку, целата територија на Украина во моментов се наоѓа во црвена алертна зона од можност за воздушни напади од Русија, со исклучок на полуостровот Крим.

Покрај ракетирање на енергетски објекти и водоснабдителна инфраструктура, Русија продолжи со воените дејствија на фронтот. Како последица на руските напади, во изминатово деноноќие во Донецкиот регион загинаа најмалку четири цивили, и тоа сите во градот Бахмут, јавува Укринформ. 

Украинските власти информираат дека изминатово деноноќие успеале да одбијат 11 руски напади врз населени места под нивна контрола и тврдат дека само во текот на вчерашниот ден загинале 620 руски војници како последица на воените дејствија на фронтот, пишува Укринформ. Руските власти многу ретко објавуваат податоци за вкупниот број на загинати и повредени војници како последица на инвазијата што ја започнаа врз Украина во февруари годинава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...