fbpx

Русија нема сили за да напредува во Донецкиот регион, тврди британското Министерство за одбрана

-

Русија најверојатно и понатаму има за цел да ја прошири контролата врз регионите Донецк, Луханск, Запорижја и Херсон, додека руските воени планери даваат приоритет на напредувањето подлабоко во Донецкиот регион. Сепак, многу малку е веројатно руската војска во моментов да е способна да ги постигне овие цели, се вели во најновиот извештај на британското Министерство за одбрана, пренесува весникот Гардијан.

„Руските копнени сили веројатно нема да постигнат оперативно значаен напредок во следните неколку месеци“, се наведува во извештајот на британското Министерство за одбрана.

Во недостиг на успеси на линиите на фронтот, руските сили продолжуваат со ракетните напади врз украинските градови. Русите викендов погодиле две енергетски постројки во пристанишниот град Одеса, кои предизвикаа прекин во снабдувањето со струја за околу 1,5 милиони жители на југот на Украина.

Украинските власти велат дека прават напори за оспособување на електроенергетската мрежа, но многу луѓе од Одеса и понатаму се без електрична енергија, а ситуацијата во градот е многу тешка.

Руската војска во текот на вчерашниот ден во нападите во Донецкиот регион убила најмалку еден цивил, додека три лица биле повредени, јавува Укринформ.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека високи безбедносни функционери на Украина наредиле казнени мерки против седум високи свештеници кои се поврзани со делот од Украинската православна црква која има долгогодишни врски со Москва.

Зеленски ја објави мерката во своето ноќно видео обраќање, посочувајќи дека украинските власти сакаат да се осигураат дека Русија како држава-агресор нема да има на располагање структури кои би можело да предизвикаат страдања на украинското општество.

Украинската православна црква како една од трите цркви во Украина, со почетокот на руската агресија најави дека се одвојуваат од Московската патријаршија, но сомневањата за нивната блискост со рускиот патријарх и тамошните власти останаа.

Украинскиот совет за безбедност издаде наредба на сите седуммина високи свештеници да им се заплени имотот, да им се забранат низа на економски и правни активности и де-факто им е воведена забрана за патување.

Украинската служба за безбедност СБУ изминатиов период организираше серија рации на имот во сопственост на црквата поврзана со Москва и минатата недела обвини висок свештеник за ангажираност во антиукраинска активност преку поддршка на руската политика со објави на социјалните мрежи, пишува Гардијан.

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ќе се договорат за испорака на дополнително оружје во вредност од 2 милијарди евра за Украина. Министрите за надворешни работи на ЕУ и лидерите на земјите од Г-7 ќе се состанат денеска за да се обидат да договорат дополнителни санкции за Русија и Иран и дополнителни 2 милијарди евра помош во испорака на оружје за Украина.

Сепак, останува нејасно дали Унгарија ќе блокира некои од одлуките на ЕУ, прибегнувајќи кон она што дипломатите го осудија како „дипломатија на уцени“ од Орбан, поради спорот со Брисел што го има официјална Будимпешта околу замрзнатите фондови на ЕУ.

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ ќе разговараат за деветтиот пакет санкции за Русија, со кој треба да се стават уште речиси 200 поединци и ентитети на списокот санкции на ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...