Русија го блокираше и СаундКлауд поради наводно ширење дезинформации

Фото: Rachit Tank on Unsplash

Русија го ограничи пристапот до веб-страницата на апликацијата за стримање на музика СаундКлауд поради наводно ширење на дезинформации, јавува Ројтерс. Руските медиуми денеска потврдија дека државниот регулатор за комуникациите Роскомнадзор ја блокирал страницата, и тоа на барање на канцеларијата на Генералното обвинителство.

„Роскомнадзор го ограничи пристапот до услугата СаундКлауд во врска со поставување материјали што содржат лажни информации поврзани со природата на специјалната воена операција на територијата на Украина“, ја цитира Интерфакс објавата на регулаторот.

Руските државни власти по почетокот на воената агресија врз Украина водат битка со светските технолошки компании за протокот на информации во земјата. Меѓу цензурирањето што беше преземено, успорен е сервисот на Твитер и целосно се забранети Фејсбук и Инстаграм во Русија.

Радио Слободна Европа на македонски јазик пренесува дека можно е Русија да го забранува СаундКлауд поради фактот што рускиот сервис на Радио Слободна Европа го користи СаундКлауд за емитување на медиумските извештаи, заедно со подкастите на малкуте преостанати независни медиуми, критички настроените музичари и автори на подкасти.