Грчкото Министерство за култура и спорт и компанијата Мајкрософт (Microsoft) ја најавија својата соработка за дигитално зачувување и обновување на античка Олимпија, со помош на вештачка интелигенција и технологија за проширена реалност, пишува „Би-би-си“.
Необичната соработка помеѓу технолошката компанија и грчките власти подразбира користење на вештачка интелигенција за мапирање на археолошкиот локалитет и пренесување на реалноста во дигитална форма, што ќе значи обновување на оригиналниот дом на Олимписките игри.
Ова ќе им овозможи на гледачите од целиот свет да ја истражуваат областа која постоела пред повеќе од 2.000 години.
„Оваа нова форма на дигитално архивирање ќе продолжи да нуди портал кон друга ера, помагајќи ни да разбереме што постигнало човештвото во минатото и потсетувајќи нѐ на што сме способни денес“, велат од Мајкрософт.
Заедничкиот проект со грчките власти значи дека луѓето ќе можат да направат обиколка околу локацијата на Олимпија дури и од далечина. Исто така, „Хололенс“ (HoloLens) слушалките ќе можат да се користат во Олимпискиот музеј во Атина и со нивна помош да се прават „дигитални обиколки“. Овие слушалки користат повеќе сензори, напредна оптика и холгорами за прикажување информации, мешање со реалниот свет или симулирање на целосно виртуелен свет.
Меѓу 27-те споменици што треба да се зачуваат дигитално се и оригиналниот Олимписки стадион, храмовите на Зевс и Хера и работилницата на познатиот скулптор Фидијас.
„Културните импликации на оваа технологија се бесконечни. За првпат посетителите од целиот свет можат виртуелно да го посетат родното место на демократијата, античкиот локалитет Олимпија, и да ја искусат историјата од прва рака“, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
За да ја изгради дигиталната верзија на локалитетот Олимпија, Мајкрософт заедно со компанијата „Иконем“ (Iconem), која е специјализирана за дигитализирање на историски места во 3Д форми, користеле камери и беспилотни летала на теренот и направиле стотици илјади слики од локацијата, по што вештачката интелигенција ги обработила за да создаде нивни дигитални модели.
„Би-би-си“ пишува дека со ова Мајкрософт покажува дека има амбиции да ѝ парира на Мета, поранешен Фејсбук, со своите планови за таканаречениот „метаверзум“.
Мајкрософт неодамна го најави метаверзумот на платформата за состаноци „Тимс“, а најавени се и трансформации на „Мајнкрафт“ (Minecraft) и нивните други игри во поизвонредни 3Д светови.