Ретроспективна изложба на богатото уметничко творештво на Васко Ташковски

„Патот на свилата“, 2016, фото: мета.мк

Ретроспективната изложба на делата на еден од најнадарените македонски академски сликари, Васко Ташковски е поставена во просториите на Националната галерија „Даут Пашин Амам“.

Збогатени со слики направени во маслена техника, акварел и скици со туш, ѕидовите на Даут-пашиниот амам содржат дела-извадоци од колекциите „Пристаништа“, „Крајбрежни случувања“, „Енергии во просторот“ и други од мноштвото творби на големиот академик.

Ташковски како водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми преку своето платно ги поставува прашањата за познавањето на делумно откриената вселена, што ја прави уште потаинствена за човечкото сознание и која е поврзаноста помеѓу двигателот на мислата и бескрајноста?

Васко е творец на сеопфатноста на еколошките теми кои многу често ги доближува до чувствата на мир за постоење на едноставноста во човечкиот живот истовремено не изоставувајќи ја комплексноста од многуте структури од кои зависи нашето постоење.

Тој гледа директно во мракот, пренесувајќи го неговиот страв што се претпоува во нашиот со кој ние како гледачи се соочуваме бидејќи навлегуваме во простори што се доволно тајни да не сакаме да погледнеме во нив.

Во неговите дела особено е застапена сината боја, неисклучен е приказот на зеленото дрво и најверојатно окото како симбол-набљудувач е содржано речиси во сите што се дел од ретроспективната изложба.

„Раѓање на градот“, 1997 и „Охридска плажа“, 1997, Фото: мета.мк

Васко Ташковски е роден на 31 август 1937 година во Нижеполе, Битолско. Средното образование го завршува во Средното уметничко училиште во Скопје, а во 1964 година дипломира на Академијата за применети уметности – отсек графика, во Белград.

По дипломирањето се враќа во Скопје каде активно се вклучува во македонскиот ликовен живот. Повеќе од 20 години има работено како сценограф во Македонската телевизија. Има изведено над 300 телевизиски, филмски и театарски сценографски решенија, како и сценографски решенија за музички фестивали и многу говорни емисии. Досега има организирано 52 самостојни изложби во Македонија и поранешните југословенски републики, како и во Каиро, Париз, Анкара, Виена, Њујорк, Романија.

Со своето сликарство во повеќе групни и колективни изложби со успех ја презентира македонската ликовна уметност. Речиси да нема групна изложба кај нас или во странство на која учествувал, а платната на академикот Ташковски да не биле високо оценети или наградувани од страна на стручната и уметничката критика. Тој учествувал во над 150 групни и колективни изложби речиси на сите континенти во повеќе ликовни центри. Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои Награда на СУБНОР „4 Јули“, Белград (1977), Октомвриска награда на СР Македонија, Скопје (1978), Медал на трудот од Претседателството на СФРЈ. Белград (1980). Мора да се истакне и податокот дека тој е единствен македонски автор кој е претставен во едицијата „Сликари на фантазијата (од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали“ / “Painters of fantasy (from Hieronimus Bosch to Salvador Dali)“, од 1974 година, во издание на Phaidon, а по избор на Вилијам Гаунт. Академскиот уметник е автор на околу 950 слики во маслена техника и над 1000 цртежи, графики и околу 3500 акварели како и преку 10.000 скици.

За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 21 април 1994, а за редовен член на 20 јуни 1996 година.