„Време е за училиште, ѕвончето нас нè вика, сите во училница“. Стиховите од оваа песничка, ги пееја учениците од второ до петто одделение, кои со смислена игра и кореографија, денеска ги пречекаа нивните три нови другарчиња – првачиња во подрачното училиште „Даме Груев“ во село Мустафино, светиниколско.
Сега, заедно со првачињата Јоана, Мила и Дарин, сите заедно се вкупно 18 на број и сите тие учат во една единствена, комбинирана паралелка. Билјана Секулова е нивниот херој, наставничката која секој ден патува вкупно 160 километри од Неготино, за да ги учи. Но, тоа не ѝ е тешко. Нејзината насмевка и енергија, зборуваат за љубовта која оваа жена ја има кон професијата и кон дечињата.
„Сите деца се од оваа околина. Со сите родители сум во комуникација, се договараме за сè. Ако заврне, веднаш се слушам со родителите, се договараме како да си ги земат од училиште. На часовите, учиме низ игра. Со првачињата учиме препознавање букви и броеви, а со поголемите работиме, на пример, можење и делење. Често знам да им поставувам прашања пред да учиме некоја нова содржина, па преку асоцијација, самите да дојдат до одговорите за она што ќе го учиме. Ништо не е тешко, ако се сака професијата“, вели Билјана.
Некогаш, во ова училиште бројот на ученици бил многу поголем.
„Немаме деца, ни се иселуваат“, со тажен глас нѝ рече служителката на училиштето, која заедно со нас патуваше до Мустафино.
Како што таа нѝ раскажа, некогаш во ова училиште бројот на ученици бил поголем, но како и на многу други места во државата, бројот се намалува, а најчеста причина за тоа се миграцијата село-град, но и иселувањето надвор од земјата.
На првиот училишен ден, приредби за добредојде на првачињата имаше во сите основни училишта во државата. Освен во Мустафино, Мета.мк присуствуваше и на приредбата организирана во централното училиште „Даме Груев“ во Ерџелија. Ова училиште постои 67 години, а во него учат 188 ученици од прво до деветто одделение. Директорката Драгица Јованова потврди дека бројот на ученици е сè помал.
„Сме имале и 220 ученици пред три-четири години, а сега бројот е 188. Многумина од родителите си заминуваат во странство. Имавме една учебна година кога во подрачното училиште во Пеширово, не се запиша ниту едно прваче. Но еве оваа година, пак, таму имаме три првачиња“, вели Јованова.
За пет години, бројот на првачиња намален за дури 3.545 деца
Ако се погледнат бројките од Државниот завод за статистика, може да се види во последните пет учебни години, има тренд на намалување на бројот на првачиња во државата. Така, ако пред точно пет години во прво одделение се запишале 21.687 првачиња, оваа учебна година нивниот број се намалил за дури 3.545. Па така, во учебната 2023/2024 за првпат бројот на запишани првачиња во основните училишта е паднат под 20.000.
Следствено на тоа, се намалува и вкупниот број на основци во земјата. Така, ако во учебната 2019/2020, бројот на ученици во основното образование изнесувал 187.240, денеска, пет години подоцна, оваа бројка изнесува 185.000, што претставува намалување за 2.240. Она што е важно да се нотира исто така, е и фактот дека на стартот на секоја учебна година, има за околу 1.000 ученици во основно образование повеќе одошто има на крајот на учебната година. Тоа значи дека во текот на учебната година, тие ученици го напуштиле училиштето и се иселиле од државата.
Покрај проблемот со иселувањето од земјава, на намалувањето на бројот на запишани ученици во училиштата влијае и негативниот природен прираст на населението во земјава. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2023 година бројот на живородени деца изнесувал 4.019 и во споредба со истиот период од претходната година нивниот број е намален за 8,9 отсто.
Бројот на починати лица во второто тримесечје од 2023 година, пак, бележи намалување од 0,5 отсто во споредба со истото тримесечје од 2022 година, односно починале 4.730 лица, а од нив 6 се умрени доенчиња. Сепак, природниот прираст во земјава е негативен, -711 лица, а ваквиот негативен прираст во земјава беше уште позабележителен за време на ковид-19 пандемијата во 2020, 2021 и 2022 година.
Сè помалку се раѓаат бебиња, процентот намален за 9 отсто во споредба со лани [инфографик]