Природниот прираст во земјава и понатаму е негативен, а видно се намалува и бројот на живородени деца, говорат податоците на Државниот завод за статистика.
Според денешните објавени податоци, во второто тримесечје од 2023 година, живородени се 4.019 деца и во споредба со истиот период од претходната година нивниот број е намален за 8.9 отсто.
Бројот на умрените лица во второто тримесечје од 2023 година, пак, бележи намалување од 0.5 отсто во споредба со истото тримесечје од 2022 година, односно починале 4.730 лица, а од нив 6 се умрени доенчиња. Природниот прираст е негативен, -711 лица, односно за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.
Ваквиот тренд не важи само за второто тримесечје од годинава. Мета.мк ги анализираше извештаите на ДЗР од првите шест месеци од 2021, 2022 и 2023 година, а бројките покажуваат дека дека бројот на живородени деца опаѓа, а опаѓа и бројот на умрени лица, но и бројот на починати доенчиња.
Па така, во првите шест месеци од 2021 година се родиле 8.500 бебиња, во 2022 година бројката опаѓа на 8.388 во првите шест месеци, а годинава бројката изнесува 7.675 живородени деца.
Во првите шест месеци од годинава починале 11 доенчиња, бројка што е за три пати пониска од истиот период во претходните две години, кога за шест месеци починале 34 доенчиња.
За истиот овој период, намален е и бројот на умрени лица, односно во првите шест месеци од годинава тој изнесува 9.963. Минатата година, истиот период изнесувал 12.187 лица, додека во 2021 година смртноста била повисока во првите шест месеци и изнесувала 14.421.